Македонија се празни како тутун-ќесе


Ерол Ризаов

Исчезнаа убавите репортажи од македонските медиуми. Сонот на повеќе генерации новинари да станат репортери одамна е отсонуван. Тоа е веќе надживеана работа, велат новите генерации јастреби кои истражуваат организиран криминал, корупција, злоупотреба на власта, судир на интереси, наместени избори и тендери… откриваат секојдневно скандали и афери кои јавноста ги голта преку интернет. Секоја чест, се поклонувам пред нивната работа.

Ама, ете, мене како застарен конзервативен поклоник на професијата ми недостигаат токму репортерските записи и патописи видени од еден друг агол, од едно друго око, пишувани како вистински приказни кои се паметат долго и кои читателите ги прифаќаа со голема почит. Нивните текстови и фотографии од самото место, извештаите од војни, природни несреќи и катастрофи, земјотреси, поплави, суши, пожари, од судските процеси, па дури и од здодевни седници на еднопартискиот парламент, од фудбалски натпревари, па ако сакате и од еден заборавен куфер на перонот на железничка станица, беа чудесни четива кои се прераскажуваа по кафеаните и театарските бифиња како ремек-дела.

Денеска кога ја прочитав веста која сите ја знаеме од поодамна – дека една четвртина од Македонија се иселила, за која речиси и да нема новинар кој не пишувал некаква анализа, коментар, информација, се потсетив на тие некогашни репортажи и на велемајсторите на пишаниот збор одамна неправедно заборавени. Умешноста и автентичноста да се напише текст за работа која сите ја знаат и ја гледаат со своите очи, а притоа да ве стане од место, да ве замисли, да ви ги насолзи очите или да ве натера да преземете нешто, беше најважната работа во оваа веќе деградирана професија. Еве ја веста која ме врати со години наназад. Доаѓа од Чешка. Јакуб Марин, познат чешки картограф, лингвист и математичар ги истражувал миграциите. Во земјите на Европа до 2015 година од Македонија се иселиле 25 проценти од населението. Точка, крај.

Си велам – да, ова го знаеме сите, ама кога стасува од надвор му даваме друго значење. Сега, на крајот на 2018 година, овој процент е сигурно поголем, особено што Јакуб Марин се потпирал на официјалната европска статистика. Тоа е бројката на легално иселените нови гурбетчии. Ако се додадат и тие што заминале илегално за да се спасат од сиромаштија, а тоа не се малку луѓе, значи не станува збор за една четвртина, туку поверојатно за една третина од населението на Македонија кое заминало за спас од беда и мизерија.

Тоа е немилосрдната статистика. Е, сега, ако имаме репортери како некогаш да заминат по градовите и населените места низ Македонија и да го опишат молкот во училиштата без детски џагор, првиот час на првоодделенците каде што освен учителката има и по неколку дечиња во училницата, а некаде нема ниту едно, ако ви доловат како собласно изгледаат испразнетите гратчиња по 20 часот навечер, без жива душа по некогашните корза, тогаш статистиката на господинот Марин се претвора во празнотија на душата и ужасен биланс на сите наши достигнувања и успеси. Си го избркавме народот од своите огништа, од својата татковина. Какво е чувството кога сакате да влезете во градската меана во која некогаш немало игла кај да падне, а сега на вратата стои голем катанец. Шетате со страв по пустите улици, нема на кого да му кажете добро вечер. По нивите, лозјата и овоштарниците можете да погодите кој е тука, а кој си заминал – или на оној свет или во подобриот свет. Опустени се некогаш богатите градини чии плодови беа разграбувани уште во раните утрински часови на пазарите низ цела Југославија. Со една реколта вредните луѓе градеа куќа, купуваа покуќнина и автомобил. Денес со една реколта не можат да преживеат.

Пред извесно време во гратчињата на Тоскана сретнав кавадарчанец кој ми раскажа неверојатна приказна. Рече: „Имам десет декари лозје во Кавадаречко. Го дадов да се работи без надомест колку да не пропадне лозјето. Едвај најдов човек. Ама сè ми се чини дека и тој нема долго да остане. Овде, во Италија, ја работам истата работа како и во Кавадарци. Јас и сопругата и двете деца живееме сто пати подобро. Децата учат добро и зборуваат перфектно италијански. Ќе ги биде. Ете, дојде време кога е подобро да бидеш аргат на туѓо лозје отколку газда на своето. Тука плантажите со лозја се големи, им треба работна рака на газдите, а ние ја работиме таа работа и добро сме платени. Нема бериќет од нашите мали лозја“.

Си велам, каква репортажа може да се направи од Кавадарци и од Тоскана. Ќе се вратиш ли, го прашувам. „Каде да се вратам“, ми вели. „Не сум споулавел. Тука ми е добро. Имам пријатели, полно е со наши луѓе. Како да сум дома“.

Некни во редица на каса во супермаркет во Скопје ме поздравува средовечен човек и ме прашува „Како си Ерол“. Го гледам, господин човек, многу ми е познат, ама ми здодеа да се преправам и да ја кријам заборавноста. Не можам да се сетам, „Извини галиба одамна не се имаме видено“, одговорив. „Па има едно 20 години кога последен пат правевме муабет пред да избегам од Македонија“, ми вели човекот. Ми олесна. Кога ми кажа кој е, бев вчудовиден. „Аууу, па ти си станал за машала, убаво си се дотерал, прав Европеец“. „Кај си“, го прашувам. Вели во Струмиченца и се смее. „Каде ти е тоа Струмиченца?“, не престанува да се смее. „Така ние си ја викаме. Местото е Пјанченца близу Милано, ама оти е полно со наши луѓе од струмичко и од Струмица си ја викаме Струмиченца нагалено. Има и Виниченца, кај што се овие од Виница, има многу од Кочанско, од Делчево од Берово, од Каменица, од цела Жупа и така со ред. И јас и браќата сме таму. Многу ни е добро, се снајдовме. Убаво живееме. Децата студираат. Да дојдеш на гости, сега сум дојден малку на одмор за Нова година и пак се враќам веднаш назад.“

„Како е тука“, му велам, „планираш ли да се вратиш?“ – „Ај не прави мајтап со мене. Зошто би се враќал. Се напушта ли таа убавина?“

Стотиците вакви судбини и приказни можат да ја откријат другата страна на медалот на големите преселби. Празнењето на Македонија како тутун-ќесе има и своја добра страна. Ова веќе не е некогашното гурбетчиство. Не се за плачење тие што заминале, туку тие што останале чесно да работат. Ќе ја дознаевме вистината, ама нема репортери.