Македонија одобри 1,5 милион евра за програмите за ХИВ, трипати повеќе од лани
Собранието на Република Македонија усвои буџет од 95 милиони денари (1,5 милиони евра) за програмата за превенција, третман, грижа и поддршка за ХИВ и 30 милиони денари (половина милион евра) за програмата за контрола на туберкулозата во Македонија. Ова го истакна министерот за здравство, Венко Филипче, на отворањето на состанокот на министри за здравство на Југоисточна Европа, што почна денеска во Скопје. Учествуваат и заменици министри за здравство и државни секретари во ресорните министерства од Бугарија, Романија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Молдавија, Косово, Албанија и Србија.
Континуирана и долгорочна имплементација на програмите за ХИВ и туберкулоза и одржување на ниската стапката на двете епидемии, ќе се обезбеди со новата нацрт национална стратегија за ХИВ за периодот 2017-2021 и нацрт Националната стратегија за туберкулoза 2018-2022 година во кои се опфатени главните предизвици од транзицијата и завршувањето на финансирањето од страна на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, маларија и турбекулоза и преземањето на оваа обврска од страна на Министерството за здравство.
Филипче рече дека во рамки на механизамот за партнерство со граѓанските организации, се спроведува превенција на ХИВ кај клучните популации, односно мажи кои имаат секс со мажи, лица кои инјектираат дрога и сексуални работници, позитивна превенција и психосоцијална поддршка кај лица со ХИВ и нивни партнери, теренско тестирање за ХИВ и советување, психосоцијална поддршка за лица што се лекуваат од зависност од дрога, дијагноза и третман на сексуално преносливи инфекции и услуги за сексуално и репродуктивно здравје кај засегнатите популации на граѓани и кај младите лица.
– Државата одвои и доволен и соодветен буџет за продолжување на набавката на антиретровирусна терапија. Во наредниот период ќе усвоиме нови политики и финансирањето на програмите за превенција. Во партнерство со граѓанскиот сектор и претставниците на заедниците во текот на оваа година работиме на изнаоѓање на долготраен и одржлив механизам за финансирање на превентивните програми за ХИВ и туберкулоза. Со тоа ќе воспоставиме институционална рамка и ќе гарантираме финансиска одржливост во иднина, рече Филипче.
Извршниот директор на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, маларија и турбекулоза, Питер Сендс рече дека Македонија е навистина покажува голема решителност и знаење како да се справи со предизвиците на транзицијата.
– Тука видовме посветеност и покажување лидерство на оваа тема и значителна посветеност на домашните ресурси и проактивна ангажираност на граѓанското општество. Забележавме и напредок во однос на зголемување на програмите и значително влијание врз туберкулозата. Во многу земји во последната деценија видовме намалување на морталитетот предизвикан од туберкулоза за 50 отсто што е постигнување. Бројот на луѓе на кои живеат со ХИВ и Сида продолжува да се зголемува, а стапката на преваленца во некои од главните популации се уште се високи.Значи постојат недостатоци во превенцијата и третманот на ова заболување, истакна Сендс.
Додаде дека за да се решат овие проблеми мора да се најде начин да се тргнат овие пречки за пристап кон здравствена заштита, а основа за тоа е потребата да се одржи лидерство во политичкото и во граѓанското општество и доделување ресурси за таа намена.