Македонија на Венециското биенале на архитектура


Република Македонија со проектот „Ослободување на просторот“ (Freeingspace) ќе се претстави на 16. Меѓународна архитектонска изложба-la Biennale di Venezia 2018, која ќе почне на 26 мај и ќе трае до крајот на ноември годинава.Претставувањето на Македонија на Венециското биенале е со поддршка на Министерството закултура, Музејот на современа уметност, Град Скопје и општина Центар.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски на денешната прес-конференција рече дека годинава македонското претставување е уникатно од повеќе аспекти.

– За разлика од вообичаеното претставување на веќе изработени дела и проекти, ова претставување е посебен проект кој својата промоција ќе ја види токму на Венециското биенале на архитектура. Важно е што се работи и за проект кој вклучува многу наши, но и странски перспективни и наградувани автори, соопшти Алаѓозовски.

Министерот за култура изрази задоволство од тоа што авторите се согласиле за Венециското биенале да подготват проект кој, како што рече, ќе направи една архитектонска дисекција на таканаречениот проект „Скопје 2014“ која отвора можност за нови согледувања за начините со кои можеме да се справиме со ова наследство кое де факто ќе остави белези на архитектурата на главниот град.

Автори на проектот се: Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Џуса, Алесандо де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски,  Александра Шулевска, како и Слободан Велевски и Марија Мано Велевска кои се куратори на годинешното македонско претставување во Венеција.

Во проектот избрале четири парадигматични простори кои, како што рече, се вткаени во архитектонската и колективна меморија на Град Скопје кои претпеа корените промени со „Скопје 2014“. Тоа се платото на МОБ и кејот на реката Вардар, објектот на Владата, Поштата со телекомуникацискиот центар и објектот на МЕПСО и стоковната куќа „НАМА“, која излегува на плоштадот „Македонија“, дело на архитектот Славко Брезоски.

Од МСУ најавија дека овој проект пред македонската публика ќе биде претставен на почетокот на следната година.