Македонија и Русија ќе ја унапредуваат економската соработка


Унапредување на економската и трговската соработка меѓу Македонија и Русија договориле денеска министрите за земјоделство Љупчо Николовски и Александар Ткачов на средбата во Москва.

Министерот Николовски, кој престојува во тридевна официјална посета на Руската Федерација, нагласил дека македонската Влада ќе продолжи да ги поддржува македонските компании во промоцијата на земјоделско-прехранбените производи на рускиот пазар, преку поддршка за нивни настап на најголемите саеми во Москва како што се „Продекспо“ и „Светот на храната“.

Од страна на рускиот министер е посочено Македонија да продолжи со промоција и збогатување на асортиманот со нови македонски производи, за кои има интерес на рускиот пазар.

Во делот на фотосанитарниот надзор разговарано е и за експертска помош од страна на Русија за македонската фотосанитарна инспекција согласно потпишаниот меморандум за соработка.

Извозот на македонски земјоделски производи во Русија бележи континуиран пораст во изминатите неколку години, а носечки производи се праските, доматите, зелката, сливите и цигарите.

– Благодарение на промотивните настани, се очекува асортиманот на македонски земјоделски производи да се збогати со нови производи, како што се македонските вина и млечни производи. Извозот на земјоделско-прехранбени производи од Република Македонија во Русија во 2017 година изнесува 30,2 милиони евра. Русија е заинтересирана за извоз на житарици во Македонија, а најмногу за извоз на пченица, велат од Министерството за земјоделство.

Во рамки на посетата, министерот Николовски присуствувал и на Саемот за широка потрошувачка „Продекспо“ на кој годинава своите производи ги претставуваат шест македонски компании во организација на Македонско-руската стопанска комора и финансиска поддршка од ресорното Министерство.

Во текот на утрешниот ден, министерот Николовски ќе има работен состанок со копретседателот на Меѓувладината комисија за соработка од Руската Федерација, Максим Травников.

Во октомври лани, министерот Николовски од страна на Владата беше назначен за копретседател на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Македонија и Руската Федерација.