Македонија и Грција во Солун договорија интензивирање на соработката меѓу полициите


Интензивирање на напорите за формално етаблирање на размената на информации преку воспоставување на заеднички Контакт центар за полициска соработка меѓу Македонија и Грција е еден од заклучоците што се постигнаа денеска во Солун.

На средбата освен министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија, учествуваа и министри за внатрешни работи и за транаспорт.

Министерството за внатрешни работи беше претставувано од страна на државниот секретар Магдалена Несторовска, која присуствуваше на посебна средба на министрите за внатрешни работи на земјите застапени во овој формат.

Учесниците ја потенцираа потребата од заеднички обуки на припадници од МВР од сите домени на полициското работење. Договорено е развивање на заеднички проекти за прекугранична соработка кои би биле финансирани со фондови на Европската унија, соопшти МВР.

Меѓу другото, стана збор и за унапредување на соработката во делот на цивилната заштита при што беше потенцирана потребата од регионална соработка во поглед на превенција и заштита од пожари на отворени простори.