Македонија и Бугарија заедно ќе бараат пари за Коридор 8


Македонија и Бугарија ќе настапуваат заеднички за да обезбедат пари за инфраструктурни проекти на Коридорот 8, кои се значајни за развој на регионот, најавија по денешната средба во Софија македонскиот министер за транспорт и врски Горан Сугарески и неговиот бугарски колега Ивајло Московски.

Разговарале за проектот за железничко поврзување, при што Сугарески истакнал дека Македонија активно работи на изградба на пругата кон Бугарија.

– На трите железнички делници кон Бугарија се работи според предвидената динамика и ќе се запазат роковите кои беа предвидени во Меморандумот за соработка што минатата година го потпишаа владите на двете, соопшти македонското Министерство за транспорт.

Сугарески го запознал својот бугарски колега со плановите во делот на патната инфраструктура на Коридор 8, со посебен акцент на изградбата на автопатските делници и експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка, како и проширување на патниот правец до граничниот премин Деве Баир.

– Особено е значајно што остваруваме вакви билатерални средби, бидејќи полесно ги договараме следните чекори кои ги преземаме и двете влади за остварување на нашите агенди за транспортно поврзување. Денешната средба беше плодна, отворивме и други прашања во делот на патниот сообраќај и очекувам дека ваквата комуникација ќе продолжи и понатаму, со цел заеднички да работиме за доброто на двете земји и на нашите граѓани, изјави министерот Сугарески.

Тој побарал дополнителна поддршка од Бугарија како претседавач со Европската Унија за обезбедување на неповратни средства преку фондовите на ЕУ за реализација на проекти што се од капитално значење за Република Македонија.

На средбата се разговарало и за поддршката која Бугарија и ја дава на Македонија за евроинтегративните и евроатланските процеси, стои во соопштението од Министерството за транспорт и врски.