Македонија има двојно помалку медицински сестри од европскиот просек


Македонија се соочува со недостиг од медицински сестри. Во Европа нормите предвидуваат над 600 сестри на 100 илјади граѓани, а во Македонија има 350. Затоа одливот на сестри треба да се спречи преку подобрување на условите за работа и зголемување на платите, порачаа медицинските сестри од денешната Свечена академија што се одржа во Скопје по повод Меѓународната недела на сестринството.

– Нашиот апел од денешната свечена академија е да се запре одливот на медицински сестри. Бројките во Македонија не соодвествуваат со европските стандарди бидејќи има 350 сестри на 100 илјади жители, а во Европа нормите се над 600 медицински сестри на 100 илјади жители. Затоа велиме дека Македонија се соочува со недостиг од сестри, рече Гордана Бешлиовска, координатор на Унијата на здруженија на медицински сестри.

Запирање на одливот, според неа, е можно така што ќе бидат подобрени условите за работата на медицинските сестри, но и зголемени коефициентите за личните доходи.

Унијата на ЗМСТАЛ предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ организира настан – свечена академија по повод Интернационалната недела на сестринството.

На свечената академија ќе бидат доделени 30 плакети на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри за успешност, хуманост и особен продонес во својата професија за изминатата година

Со специјална награда – плакета постхумно е одликувана сестра Никанда Ќипроска за особен придонес и развој на сестринството во Р.Македонија, а на прим. д-р Димитар Котевски доби плакета за животно дело за посебна афирмација на сестринството преку сопствената фондација.