Повторно пораз: Македонија имаше сили само за едно полувреме против Данска


Во натпревар без поголемо резултатско значење, вечерва во Вараждин, репрезентацијата на Македонија загуби од Данска со 31:20.

Иако ослабени без повредениот капитен Кирил Лазаров во составот „црвено-жолтите“ успеаја психолошки да се издигнат по вчерашниот пораз од Чешка и одиграа рамноправно прво полувреме со големиот фаворит.

Селекторот Раул Гонзалес поголема минутажа им даде на помладите играчи. Нападот беше предводен од Филип Кузмановски и Дејан Манасков, а добро делуваше и одбраната. Данците најчесто водеа со еден разлика, најмногу со два, но на пауза се отиде со нерешен резултат 12:12.

Сепак голем пад во играта на нашите репрезентативци се случи во вторите 30 минути. Данците „притиснаа“ и постепено ја зголемуваа предноста. Во 45 минута водеа со седум разлика, а во 50. беше плус 9 (26:17). Скандинавскиот состав рутински го приведе натпреварот кон крајот за убедлив триумф и потврда на првото место во групата.

Најефикасни во македонската селекција беа Филип Кузмановски со 6, Дејан Манасков и Стојанче Стоилов имаа по 4 реализации.

Ова беше последен натпревар за македонските ракометари на Европското првенство во Хрватска.

На првиот денешен дуел од Групата 2 во втората фаза на ЕП, Словенија и Чешка ремизираа 26:26.

Од 20:30 часот Шпанија и Германија во директен дуел ќе одлучат кој од нив ќе и се придружи на Данска во полуфиналето.

Табела: Данска 8 бода, Чешка 5, Шпанија 4 (натпревар помалку), Германија 4 (натпревар помалку), Словенија 4, Македонија 3.