Македонец прогласен за најдобар хирург во Хрватска


Толку човечност, великодушност и емпатија спрема пациент одамна немам видено. Ме оперираше и мене и моите двајца браќа, душа од човек. Многу ви благодарам докторе. Навистина ја оправдавте титулата најдобар хирург на Хрватска, вели Анита Марушиќ за д-р Дарко Крстов, од Општата болница во Дубровник, кој е избран за најдобар хирург во Хрватска.

Изборот за најдоктор во Хрватска веќе петта година го спроведува порталот najdoktor.com, кој  ги избира најдобрите доктори во земјата врз основа на неколку критериуми, меѓу кои вкупен број коментари, односот на бројот на позитивни и негативни коментари, како и квалитетот на самите коментари (неаргументираните коментари не се земаат предвид).

– Доктор Крстов е непроценлив во нашата дубровничка болница. Секогаш со добра волја и добар пристап спрема пациентот. Иако извршува тешка и одговорна работа, секогаш е подготвен за пациентите, гласи коментарот на Ина Сутиќ од Дубровник.

Дарко Крстов-најдокторНејзината сограѓанка Ана Марија оставила коментар на порталот во кој истакнува дека д-р Крстов е прекрасен човек и доктор. – Овој доктор не прави разлика кај пациентите  во однос на возраст, потекло, статус или која било друга карактеристика. Кон секого пристапува како кон човек чиј живот е непроценлив и ќе направи се што е во негова моќ да помогне. Тој е прекрасен хирург, пишува Ана Марија.

И Дубровчанката Зринка споделува искуство за хирургот Крстов преку медицинскиот портал, каде наведува дека неговото знаење, стручност и организација се на завидно ниво. – Општата болница во Дубровник треба да биде горда што во своите редови има прекрасен хирург како што е Дарко Крстов. Тоа што посебно го ценам, а верувам и други пациенти, е неговата близина со пациентите која влева оптимизам при секоја средба. Најмалку што можам да направам е да му кажам благодарам за докторот кој се нафати да лекува пациент со тешка дијагноза во 85. година од животот. По две тешки операции, нашиот вујко успешно заздравува. Големо благодарам докторе Крстов, истакнува Зринка.

Кој е д-р Дарко Крстов

Дарко КрстовКочанчанец, роден 1973 година, сопруг на Александра и татко на Ана. Медицински факултет завршил во Скопје, специјализација во Воена болница и Клинички центар Скопје.

Пред да се вработи во Општата болница во Дубровник, искуството го стекнувал во Воената болница во Скопје, во Прва хируршка клиника во Белград, во приватна општа болница во Тетово и во Клиничкиот центар во Риека.

Оценка петка за најдоктор

– Оценувањето на лекарите во Хрватска е пракса и тоа може да го направи секој пациент преку порталите кои се достапни. Овде не игра улога само оперативната интервенција, туку и тоа како е примен пациентот (љубезноста), постоперативната нега (грижата околу пациентот), како и достапноста и одговорноста околу пациентот, вели за МИА д-р Крстов, истакнувајќи дека сите овие карактеристики, но пред се совеста и професионалноста спрема пациените имаат свој фидбек.

Така, меѓу бројните позитивни коментари на порталот кој избира најдоктор на Хрватска се издвојува и тој на негова пациентка Елена, која го оценува со највисоката оценка – петка и изразува благодарност што и го спасил животот. – Се осудувам да кажам дека тој е прототип на доктор каков што треба да биде докторот, вели, меѓу другото, Елена.

– Како и кај секоја професија, особено во медицината, важна е одговорноста, совеста и секако знаењето за својата работа да ја извршуваат успешно. Кога станува збор за лекарите, во мојот случај хирурзи, тоа пред се значи љубезно да се прими пациентот и да се сослуша. Од анамнезата добивате 60 отсто информации за проблемите што го мачат пациентот, 30 отсто од дијагнозата се наоди, а останатите 10 отсто е одлуката на докторот. Кога еднаш ќе донесам одлука дали да оперирам или не, преостанува само оној технички дел да се изврши операцијата во операциската сала. Таму е важна техниката, но се останато, пред и по операцијата, се сведува на комуникација и со пациентот и со колегите хирурзи, а по операцијата со сестрата и техничарите кои ја водат постоперативната нега на пациентот, вели д-р Крстов, кој е специјалист за карцином на дебело црево.

Дарко КрстовТој посочува дека додека бил на специјализација, индикатори за оваа болест биле: животна возраст од 50 до 80 години, нездрава исхрана и генетската предиспозиција. – Денес, за жал, имаме многу млади луѓе кои  имаат карцином на дебелото црево и тоа пред се како последица како неквалитетен начин на живот предизвикан од лоша  исхрана, отсуство на физичка активност, па се до стрес и нервоза, вели д-р Крстов.

За здрав живот тој препорачува исхрана која се состои од многу мали оброци во текот на денот, повеќе физичка активност и, како што вели, барање на среќата и задоволството во мали едноставни работи кои го намалуваат стресот.

– Човек треба да биде задоволен со едноставни работи, бидејќи тие се најважни во животот, задоволството од личниот живот, работата и пријателите. Дали ни треба нешто повеќе, истакнува доктор Крстов, кој е еден од многумината лекари кои Хрватска ги „позајмила“ од друга држава.

дубровник болницаВо последните четири години Хрватска ја напуштиле 565 лекари, поради што има недостиг од лекарски кадар, претежно надвор од главниот град.

–  Лекарите заминуваат бидејќи не можат да го издржат преголемиот број пациенти и непостоењето можност за усовршување. За условите за работа зборуваат и бројни други експерти. Никој од нив не ги споменува парите како мотив за иселување, вели доктор Тадо Јуриќ од Одделот за историја при Хрватскиот католички универзитет во Загреб.

Томислав Дујменовиќ, директор на општата болница во Сисак, за белградска „Нова економија“ изјавува дека се планира да се обезбедат станови во близина на болницата во Сисак и да им се понуди на лекарите од други градови или држави целосно бесплатно сместување или со минимален надомест.

Ова што веќе се прави во Сисак наскоро би можело да се реализира и во цела Хрватска. Во Министерството за градежништво се подготвуваат измени на Законот за општествено поттикната станбена изградба со што би се решило прашањето на дефицитарен кадар во болниците и другите јавни служби.

Д-р Дарко Крстов смета дека државата може да ги спречи лекарите да заминуваат па дури и да се вратат тие што ја напуштиле земјата само ако доколку малку им се подобри стандардот.

Министерот за финансии на Хрватска, Здравко Мариќ најави дека во 2018 година здравствениот систем ќе биде еден од приоритетите на Владата.

(МИА)