Луксузен дом во Скопје во „Форбс“: Чиј е апартманот инспириран од Салвадор Дали?


Луксузен дом во Скопје, инспириран од стилот на славниот уметник Салвадор Дали кој се нуди на Airbnb за 44 долари од ноќ, се најде на листата на препораки на престижниот економски магазин „Форбс“, заедно со луксузни апартмани во сличен стил, но поскапи за издавање- во Париз, Франција и Сараево, БиХ.

Како што пишува „Форбс“, овој дуплекс со една спална соба се наоѓа во центарот на Скопје, а во цената е вклучен и приватен лифт и приватен паркинг.

Луксузниот дом кој се издава е на бизнисменот, скопјанецот Зоран Илиев-Роџер кој претходно тука има живеено со семејството и го има дизајнирано по свој вкус и за своја душа. Домот се смета за еден од најубавите во Скопје, доколку го сакате раскошниот и екстравагантен стил на Дали.

-Да, апартманот е мој, и јас сум воодушевен што мојата приказна и љубов кон историјата на Македонија го препозна и „Форбс“. Ми се јави новинар од Америка и ме праша дали може да напише статија за апартманот и да го стави на листата на препорачани луксузни апартмани. Јас се согласив. Апартманот и претходно е многу баран и од Македонија и од туристи од цел свет кој го изнајмуваат на пократок период. Не го издавам за цела година, ни изјави ексклузивно Илиев.

Апартманот е распослан на околу 250 метри квадратни и на три нивоа е навистина несекојдневно доживување. Уште на прв поглед  останувате затекнати од  екстравагантниот ентериер и спој на различни стилови. Меѓу 50-те уметнички дела што ја чинат целината на просторот, во очи веднаш ви паѓаат религиските симболи, ангели, светци и иконостаси, обележјата на античка Македонија, шеснаесеткракото сонце, копја и штитови, но и астролошки знаци, маркери на египетската култура, пирамиди и фараони, кинески вази, прастари универзални симболи.

Во неверојатна хармонија се мешаат дрво, метал, камен, стакло, гипс, смола, златни и пастелни бои, мозаици и витражи, скулптури и икони. Како исконски антиподи се спротивставени оган и мраз, небо и земја, доминираат златното, синото, портокаловото.

– Длабоко во себе јас сум уметник, меѓутоа имам силна поврзаност со историјата. Сакав да направам нешто што ќе остане за сите. Ако правев нешто само за себе, колку што чини фасадата можев да купам три-четири стана, да ги издавам и да живеам од тоа, вели Илиев.

На куќата, на која Илиев потрошил  над милион евра, 15-тина мајстори од различен профил секојдневно работеле пет и пол, шест години.

Една од најголемите уметнички инспирации на Роџер, е сликарот Салвадор Дали, па неговиот стил, се разбира со многу автентичен авторски потпис, е застапен во осмислувањето на куќата.

Во една уметничка секвенца дури ги споил и првите букви на неговите деца по редот на раѓање – Давид, Александар и Леонардо Илиеви и излегло името ДАЛИ. Во салонот, воопшто во куќата, доминира бесконечноста. На сводот во еден дел се насликани два лика на Бог (тој и сопругата) и три ангели (децата).

Во долниот кат, кој е уреден како во бајка, има три соби, две бањи, два балкони, дневна соба и игрална. Во горниот дел има голем салон, тоалет, трпезарија, простор за дневен престој и една споредна маса за дружење. На третиот кат има галерија со бања, балкон, спална соба.

Лејла Сабит