Лондон: ИД и натаму е потенцијална закана


Англија– Британското Министерство за надворешни работи смета дека џихадистичката група Исламска држава (ИД) и натаму претставува потенцијална закана, иако повеќе нема територии под нејзина контрола.

– Треба да се направат уште многу работи и не смееме да заборавиме каква закана претставува ИД. Дури и без територија, Исламската држава останува закана, се истакнува во соопштението на Форин офисот.

Ваквата реакција на официјален Лондон следи по најавата на американскиот претседател Донал Трамп за повлекување на силите на САД од Сирија, со образложение дека ИД е целосно поразена.

Белата куќа информира дека САД почнале да ги враќаат дома своите војници од Сирија, но дека подготовуваат нова фаза од кампањата против ИД.

Форин офисот во својата реакција нагласува дека ваквиот развој на состојбата во Сирија не значи крај на глобалната антиџихадистичка коалиција или прекин на нејзината кампања.

– Ние ќе продолжиме да работиме со членките на коалицијата за постигнување на поставените цели, се заклучува во соопштението.