Ловрен: Рамос прави повеќе грешки од мене


Централниот дефанзивец на Ливерпул, Дејан Ловрен, беше критикуван откако самиот се посочи како еден од најдобрите светски дефанзивци.

Хрватот продолжи да ја брани својата теза во интервју за каналот „Копа 90“ на „Јутјуб .

– Реков дека сум еден од најдобрите, а не најдобар. Кажете ми оваа сезона, кој играше во финалето на Лигата на шампионите и еден месец подоцна во финалето на Светското првенство. Јас не ги освоив, но мислам дека имам заслуги. Рамос, на пример, прави повеќе грешки од мене, но тој игра во Реал Мадрид. Кога Кристијано е во вашиот состав, правиш грешка, но победуваш со 5:1 или 5:2 и никој не ја гледа грешката, објасни Ловрен.

Тој смета дека Рафаел Варан, кој стана светски шампион со Франција, е подобар од шпанскиот репрезентативец и треба да ја освои наградата за најдобар.

– Ми се допаѓа Варан. Заслужува многу повеќе признание, но мислам дека тоа не го добива, барем не колку Рамос и јас не се согласувам со тоа. Мислам дека сигурно Варан е подобар од него, сега и во претходните сезони. Тој ја освои Лигата на шампионите и Светското првенство. Затоа мора да биде избран за најдобар дефанзивец во светот, рече Ловрен.