Лидерска средба во Охрид на 18 мај ?


Планирана е средба на лидерите на парламентарните партии на 18 мај во Охрид, во рамки на дијалогот „Жан Моне“, чиј иницијатор е Европскиот парламент.
Според наши информации, во агендата за тридневните разговори меѓу пратениците во Охрид – од 17 до 19 мај, предвидено е и учество на лидерите на партии на работната вчера на 18 мај. Тоа би бил прв лидерски состанок по смената на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, со исклучок на една средба за името на која присуствуваа и други државни функционери, како и претседателот Ѓорге Иванов.
На вечерата, покрај лидерите на двете најголеми партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – Зоран Заев и Христијан Мицкоски би учествувал и Али Ахмети од ДУИ. За Беса е неизвесно на кое ниво би била претставена на средбата, со оглед на тоа што двете струи ги предводат Африм Гаши и Билал Касами. Се очекува да бидат поканети и Зијадин Села од Алијансата на Албанците и Мендух Тачи од ДПА.

Иницијативата „Жан Моне“, која беше планирано првично да почне од Париз, а потоа да се сели во други европски центри, сепак, ќе стартува од Охрид, по повеќе одложувања. Таму зад затворени врати ќе дебатираат претседателот на Собранието, генералниот секретар и потпретседателите на парламентот, координаторите на пратенички групи, уште по еден до двајца пратеници од партиите застапени во законодавниот дом и претставници на собраниската администрација. Се очекува присуство и на тројцата европарламентарци кои беа вклучени во разговорите во Пржино: Кнут Флекенштајн, Иво Вајгл и Едуард Кукан.
Пратениците ќе дискутираат за измени во собранискиот Деловник, чија првична цел е да се превенираат настани како што се случија на 27 април 2017 година. На оваа проблематика веќе се водат разговори на ниво на работни групи во кои учествуваат пратеници од повеќето партии во законодавниот дом. Тема на првата сесија од процесот „Жан Моне“ е и новиот етички кодекс на Собранието и парламентарните процедури кои треба да овозможат поголема независност на законодавната власт од извршната. (A.M.M.)