Ле Пен: По изборите за ЕП, ќе ја исчистиме Европската Унија


Партиите кои ги изразуваат националните интереси на земјите членки на Европската Унија првпат имаат можност да победат на изборите за Европскиот парламент во мај 2019 година, изјави лидерот на францускиот Национален фронт, Марин Ле Пен.

„Првпат партиите кои изразуваат национални интереси може да се надеваат на демократска победа за да го сменат текот на историјата на Европа и на нашите нации. Првпат е можно да се постигне она што ‘евроцентристите’ не можеа да го замислат – промена на моќта. Првпат ќе имаме можност да ги прочистиме институциите во ЕУ, да ги исчистиме европските механизми во кои повеќе никој не верува, да ги смениме лабавите европски лидери како претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер“, рече таа.

„ЕУ ја компромитира и девалвира европската идеја, а излегувањето на Велика Британија е потврда за ова“, рече Ле Пен.

“Нашата цел веќе не е само да учествуваме, туку да победиме. Ние се потпираме на фактот дека заедно можеме да формираме парламентарно или малцинство кое ќе може да блокира, или, се надевам, да формираме мнозинство и да го спроведеме новиот европски проект“, рече таа.

Партијата што ќе добие мнозинство на изборите за Европскиот парламент ќе добие право да назначи претседател на Европската комисија. На последните избори во 2014 година, како и во текот на изминатите 30 години, победуваше Европската народна партија. Ги обединува центристичките и христијанско-демократските партии во ЕУ.