Лет во празно на генералот


Кога во мај годинава 55-годишниот претседател на Бугарија, Румен Радев отпатува во дводневна посета на Москва, јавноста побрза да го заокружи впечатокот дека поранешниот командант на воздухопловните сили е проруски човек. Изјавите дека Бугарија мора да балансира меѓу Кремљ и Вашингтон, иницијативата да се добие директен гас од Москва, како и судскиот процес во Софија против поранешниот министер за одбрана Николај Ненчев, каде што Радев сведочи дека е подобро воените авиони да се сервисираат во Русија отколку во Полска, ги засилуваат ваквите тврдења на прозападните медиуми. Впрочем, тие отворено пишуваат дека 7-милионската земја е предводена од човек кој по своите убедувања е поблизок до Истокот отколку до Западот.
Токму тој ореол ќе го следи од почетокот на неговата политичка кариера, која изненадувачки достигна ѕвездени височини во јануари 2017 година. Тогаш успеа да победи во вториот круг од претседателските избори освојувајќи речиси шеесет отсто од гласовите, наспроти 36-те проценти на Цецка Цачева, кандидат на владејачката ГЕРБ. Радев беше независен кандидат, поддржан од Социјалистичката партија, која влече корени од поранешните комунисти. Познавачите велат дека граѓаните го казнија ноншалантното однесување на премиерот Бојко Борисов, кој опиен од власта не се ни потруди да кандидира силно име очекувајќи само фигура во претседателската фотелја што слепо ќе ги следи неговите политики. Наспроти тоа, Бугарите побараа нешто ново и тоа го добија. Борисов подоцна им се извини на своите симпатизери признавајќи дека го потценил противникот.
Радев никогаш не покажуваше особени афинитети кон политиката. Мислам дека во политиката влезе само поради тоа што не се согласуваше со тоа што го работеше Борисов и неговата екипа, особено кога е во прашање неговиот однос кон вооружените сили. Почувствува дека има поддршка и од военото милје, и од јавноста и затоа влезе во претседателската трка. Нешто слично беше и со мене, јас воопшто не планирав да правам партија да не беа погубните политики на Никола Груевски“, подвлекува паралела Илија Николовски, пензионираниот македонски генерал, кој сега е дел од владејачкото мнозинство во Собранието.
Тој неколкупати се има сретнато со Радев, за кого има исклучително пофални зборови кога е во прашање професионалниот бекграунд.
Ги има поминато сите воени школи и на Истокот и на Западот, се школувал и во Русија и во САД. Важи за полиглот, одлично зборува англиски, германски и руски јазик. Кога влезе во политиката, поднесе оставка од воената функција. Интересно е тоа што во Бугарија, како и во другите земји од НАТО, нема ограничувања за влез на воени лица во политиката, како што е тоа кај нас, каде што мора да поминат три години од повлекувањето од воената функција до влегувањето во политиката. Во тоа се разликуваме со нашите источни соседи, но и во нешто друго: таму без оглед што претседателот и премиерот не се во кохабитација, тие се сложни кога се во прашање националните интереси. Јас секогаш кажувам дека кога се оди некаде во посета, никако не се зборува лошо за земјата од каде што доаѓаш ниту за земјата во која си дошол“, заклучува Николовски.
Радев има докторска дисертација за воени науки во полето на тактичка обука на авионски екипи и симулирање воздушна борба. Во 2003 завршил колеџ за воздухопловство во САД и се стекнал со титулата магистер за воени стратегии.
Поголемиот дел од сите тие безбедносни аспекти, операции, протоколи, тактики и стратегии ги има завршено во САД, а нивните школи внимаваат и на дипломатско однесување и аналитика, за разлика од Европа, каде што акцентот е ставен на оперативноста“, посочуваат познавачите.
Една од клучните негови поенти во кампањата за претседател беше тоа дека не смее да се дозволи Бугарија да стане мека за мигрантите апелирајќи Русија и САД да го решат конфликтот во Сирија. Бугарија, иако во многу помала мерка отколку Македонија, беше погодена од мигрантски бран. Реторика што потсетува на онаа што ја употребува неговиот македонски колега Ѓорѓе Иванов, со кого имаа седба неодамна во Софија. Радев беше единствениот бугарски државник што го прими Иванов откако бугарските владини функционери му забележаа на нашиот претседател што го напушти состанокот со Никола Димитров и со Зоран Заев. Деновиве бугарскиот татко на нацијата е во фокусот на интересот затоа што му се „пушти“ на македонскиот премиер поради изјавата дека Илинденското востание е македонско. Не го прифаќа извинувањето на Фејсбук и бара нов анекс-договор за пријателство меѓу Македонија и Бугарија.
Договорот за добрососедство создаде некои предуслови за започнување нова ера на добри односи, но непријателите на евроатлантска Македонија се обидуваат да ги поткопаат овие позитивни процеси. Во таа смисла, клучна улога одигра директната интервенција на Русија во односите меѓу македонската држава и црква и бугарската држава и црква. Тоа почна со одлуката на Синодот на БПЦ да ги замрзне односите со МПЦ, под влијание на истиот центар на моќ. Денес сме сведоци дека политичари од Бугарија, кои се под влијание на Истокот, инсистираат да создаваат проблем таму каде што го нема, со една цел: да ја исполнат задачата на своите наредбодавци да ја спречат Македонија да влезе во НАТО преку нарушување на добрососедските односи меѓу двете земји. Наместо да се спроведува договорот на дело, се враќа реториката од минатото, која никогаш не донела ништо добро: ниту во Македонија ниту во Бугарија. Политичарите што им служат на стереотипите од минатото да престанат со обидите да ни ја сечат гранката на заедничката иднина на нас младите генерации“, апелира Петар Богоески од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ.
Румен Радев на функцијата претседател ќе остане најмалку до јануари 2022 година. Дотогаш јавноста, барем во Македонија, од него бара да ги изгаси моторите и да „лета“ мирно во претседателската вила.
Горан Адамовски