Левица поднесе кривична против Заев


Политичката партија Левица денеска поднесе до Основното јавно обвинителство кривична пријава против премиерот Зоран Заев за, како што тврдат оттаму, нарушување на уставниот поредок на државата.

Според членот на Левица, Димитар Апасиев, премиерот ги загрозил преговарачките позиции на Македонија и ја довел државата во зависна положба од друга држава.

„Се повикуваме на официјалните изјави на Заев и Ципрас. Со прифаќање на ерга омнес и изјавата на Заев дека тој ќе се стори сѐ што е во моќ на премиерот тоа да стане официјална државна политика, на Македонија ѝ се подриени меѓународните позиции во преговарачкиот процес, нанесена ѝ е штета и државата е доведена во зависност од друга држава“, изјави Апасиев.

Како што додаде тој, Левица размислува да ја прошири кривичната пријава и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, за кого тврди дека со јавното признавање дека стои зад предлогот на Заев, станува соучесник.