Лашкоска и Ласовска станаа „скопјанки“, другите се мислат


Само двајца пратеници од внатрешноста пријавиле дека ќе се преселат во Скопје и со тоа ќе го ослободат Собранието од плаќање високи сметки за патни трошоци. Станува збор за пратеничките Ане Лашкоска од Прилеп и штипјанката Благица Ласовска. Сепак, се очекува во наредните месеци уште неколку пратеници да станат „скопјани“, имајќи предвид дека некои побарале од собраниските служби да им ја дообјаснат процедурата, други ги собирале потребните документи, трети сè уште немале изнајмено стан во Скопје.

Лашкоска е пратеник во Собранието од 2011 година, кога стана дел од парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе седум години редовно патува од и до Прилеп, поради што сега се одлучила да го смени местото на живеалиште.

Одлуката, меѓу другото, ја донесов и од причина што во есен и во зима се потешки условите за патување“, вели Лашкоска за „Независен весник“.

И нејзината партиска колешка Благица Ласовска вели дека секојдневните долги патувања од својот дом до работното место станале премногу напорни.

Обврските почнуваа рано наутро, што значи дека будењата беа уште порано, па потоа враќањата дома…“, ни искоментира Ласовска.

Со одлука на собраниската Комисија за избори и именувања, народните избраници од внатрешноста кои немаат стан или куќа во Скопје од почетокот на месецот добија можност да одберат дали на работа ќе одат со свој автомобил и за тоа ќе добиваат надомест за гориво и патарина од 20 отсто или ќе закупат стан во главниот град. Доколку се одлучат за второто, Собранието ќе им дава максимум 400 евра за кирија и 100 евра за комуналните услуги. Во тој случај, патни трошоци ќе им се покриваат за викенд и за празници.

Во Собранието велат дека интересот за закуп на стан бил прилично голем и очекуваат бројката на пратениците што ќе се селат во Скопје да порасне веќе од идниот месец. Напоменуваат дека со новиот модел за пресметување на патните трошоци значително ќе им бидат ускратени можностите за малверзации околу висината на средствата што ги добиваат. Главната гаранција за тоа ќе биде условот патарините да се плаќаат со картички, за што ќе мора да приложат доказ.

Ќе се внимава да нема малверзации и со закупот на становите. Собранието нема да им дава пари на рака на пратениците, туку директно ќе им уплаќа на сопствениците и на фирмите што даваат комунални услуги: струја, вода, парно…

Пратениците од сите партии досега покажуваа невидена солидарност при исплатата на трошоците за патување, поради што со години беа на удар на јавноста. Дел од нив добиваа и над 10.000 евра годишно за гориво и за патарина искористувајќи ги законските прописи, а не покажувајќи никаков чувство за легалниот криминал.

Со доаѓањето на новата власт и со поддршка и на опозицијата, патните трошоци се намалија за една третина, но на пратениците им се остави можност да закупат стан во Скопје место секојдневно да патуваат.

Противниците на ваквата одлука коментираат дека пратениците од внатрешноста не можат туку-така да се преселат во главниот град, затоа што на тој начин губат можност за комуникацијата со своите сограѓани, односно со своето гласачко тело, кое од нив бара решавање и на локалните проблеми.

Годинава за исплата на патни трошоци Собранието издвои 1,3 милион евра.

Горан Адамовски