Лауреатот на СВП Адам Загајевски засади дрвце во Струга


Со традиционално садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на добитникот на највисокото фестивалско признание „Златен венец“ на полскиот поет Адам Загајевски, почна 57. издание Струшките вечери на поезијата.

Еден од фокусите на годинашното издание на фестивалот, како што нагласи денеска на прес-конференција директорот Мите Стефоски, ќе биде егзилот. Тоа, посочи, е тема присутна во историјата на книжевноста и во судбината на нашите поети.

– Аспектот на пишувањето во раселеноста во егзил ќе го слушнеме во поезијата на најстариот поет присутен тука, лауреатот, се до најмладиот учесник, кој има песна посветена на оваа тема, забележа Стефоски, додавајќи дека езгилот ќе биде застапен и во сценографијата.

Фестивалот, според директорот, повторно ја има улогата на обединувач во светски рамки преку поетското писмо.

– Во еден поделен свет нашата улога преку она што го работиме во книжевниот превод и градењето на такви мостови меѓу литературите и книжевностите е се по значајно што сите ние зборуваме за славење на разноликоста. Поезијата е најразнолика не само од другите јазици, туку и сите поети во рамки на сопствените јазици на кои творат создаваат свои автентични поетски дијалекти, подвлече Стефоски.

Наградата „Златениот венец“ за добитникот Загајевски претставува огромна чест бидејќи се вбројува во листата со звучни поетски имиња од целиот свет.

Поезијата за него има три главни теми, прво дека секој поет се соочува со големата загатка за светот, односно дека поетите не знаат се. Втората тема е одбрана од варваризмот, а третата, според него, најчувствителна е егзилот.

– Бев протеран кога имав четири месеци, не се сеќавам на тој момент. Мојот цел живот е сеќавање на тоа што сум го изгубил заедно со другите што ги изгубија своите домови, села, градови. Кога ќе изгубите нешто на четири месеци, можеби и не Ви значи толку, но кога ќе пораснете вие не сте дома. Тоа не е место што може да го наречете дом, рече Загајевски.

Тој нагласи дека е среќен што живее во Краков, но неговите пријатели забележувале дека не е роден таму. – За мене домот е нешто што ви е дадено само еднаш, подвлече Загајевски.

Покрај програмските содржини, во чест на лауреатот подготвено е тројазично издание на македонски, англиски и полески јазик на 800 странци.

Адам Загајевски е втор полски поет добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, по Тадеуш Ружевиќ, кој го доби признанието во 1987 година.

Официјалното отворање на манифестацијата ќе биде вечер со традиционално читање на Константиновата „Т`га за југ“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, а потоа продолжува со меѓународно поетско читање „Поетски меридијани“.