Лампард и Ешли Кол повторно заедно во ист тим


Поранешниот англиски репрезентативец Ешли Кол ќе го финализира трансферот во Дерби Каунти до средината на неделата, објави „Скај Спортс“. Се очекува тој да потпише шестмесечен договор со „овните“, каде ќе заигра за својот поранешен соиграч во Челзи и сегашен менаџер на тимот од Чемпионшип дивизијата – Френк Лампард.

Трикратниот шампион во Премиер лигата е без тим, откако го напушти американски Л.А. Галакси во ноември.

Лампард верува дека искуството на 38-годишниот Кол ќе биде од корист на Дерби, кој се наоѓа на шестата позиција на табелата и се обидува да стигне до баражот за влез во Премиер лигата.

– Тој е одличен професионалец и човек. Го очекуваме неговото доаѓање со нетрпение. Зборувам со Еш постојано, ние сме добри пријатели. Тој е многу добро подготвен физички, свеж е и сака да продолжи да игра, па затоа сакам да е дел од тимот, бидејќи знам какво влијание може да има врз составот, изјави тренерот на Дерби.

Во меѓувреме Хари Вилсон кој игра под наем од Ливерпул, ќе остане на „Прајд Парк“ до крајот на сезоната. Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп имаше можност да го врати 21-годишниот играч од средниот ред во тимот, но крајниот рок за тоа истече на крајот на минатата недела.