Лажните вести се игнорираат само со едукација


Парите за борба против лажните вести би ги искористил во едукативна кампања и подигање на свеста кај населението дека сето она што е на интернет не е вистинито, да се добие образование и култура на читање вести и разликување што е вистинито, а што не е.

Вака Игор Трајковски, сопственик time.mk – најпознатиот агрегат за вести во земјава, ја коментира една од најекспонираните теми во предвечерието на референдумот, ширењето лажни вести и странската пропаганда. Американските политичари и медиумите оттаму наголемо се занимаваат со неа обвинувајќи ја Русија како директно одговорна за внесување раздор и неизвесност меѓу македонското население, со цел да не успее референдумот за името и нашата земја да не стане дел од НАТО. Премиерот Зоран Заев најпрво обвини дека дел од граѓаните што протестираат, меѓу кои предничат навивачите на Вардар, биле платеници на Москва, но потоа ја смири топката и неколкупати изјави оти не постојат докази за руско мешање во и околу референдумот. Тој, сепак, јасно вели дека Русија нема ништо против наше членство во ЕУ, но и тоа како е против да станеме 30. членка на НАТО.

И Трајковски, на чија платформа дневно се реобјавуваат стотици текстови од голем број медиуми од републикава, вели дека нема информации оти последниве недели „никнале“ четириесетина лажни веб-страници, кои пред сè продуцираат вести на социјалните мрежи.

„Лажните веб-страници може да се препознаат според следните карактеристики: во насловите за своите вести почесто користат зборови како ‘ексклузивно’, ‘нема да ви се верува’, ‘скандал’ и слично… Статиите немаат извор, немаат автор или се повикуваат на анонимен извор или друга веб-страница за лажни вести. Имињата на веб-страниците се слични на веќе постоечките со додавање или промена на една буква и целосно исто лого. За додавање нов извор на time.mk веќе имаме критериум – интернет-страницата задолжително да има импресум, покрај останатите критериуми за посетеност и техничките карактеристики“, објаснува Трајковски.

Угледниот „Њујорк тајмс“ неодамна објави дека во јануари минатата година американскиот Конгрес одвоил осум милиони долари буџетски средства за борба против руската пропаганда во Македонија, но парите сè уште не се искористени.

„Средствата за борба против руската пропаганда во Македонија беа задржани цела година и треба да бидат ефективно распределени. Дополнително, во август во Македонија требало да пристигнат дополнителни два милиони долари за зајакнување на владеењето на правото, кое страда од ендемска корупција“, изјави за весникот анонимен дипломат.

Трајковски дополнува дека, кога парите навистина би пристигнале во земјава, барем еден дел од нив треба да се распределат за медиуми што никогаш не пренеле лажни непроверени вести и да се поттикне работата на медиумите што ја вршат работата како што налагаат професионалните стандарди.

„Њујорк тајмс“ продолжува дека во ерата на дезинформација, македонски и западни официјални претставници велат дека серијата активности на социјалните медиуми е токму тоа: дезинформации насочени од групите поддржани од Русија, кои се обидуваат да поттикнат страв и да го намалат одѕивот на гласачите.

„Стотици нови веб-страници бараат бојкот. Една вест, широко распространета на интернет, предупредува дека Гугл може да го елиминира македонскиот јазик од листата на признаени јазици, во зависност од гласањето“, наведува весникот.

Западните дипломати тврдат дека целта на Москва била да ги депримира граѓаните во Македонија за тие да не гласаат на референдумот и тој да пропадне. Во таа насока, регистрирани биле 40 нови интернет-страници што секојдневно на Фејсбук ги охрабруваат луѓето на бојкот. Овие страници, кои се отворени надвор од земјава, главно ги подигаат тензиите со албанското малцинство потенцирајќи ги спомените од војната во 2001 година и со прашања од типот: „Дали ќе дозволите Албанци да ви го сменат името?“

Горан Адамовски