Лажниот принц на Црна Гора и Македонија се сретнал со Заев


Премиерот Зоран Заев оствари средба со Стефан Чернетиќ од Торонто, кој минатата година беше разоткриен дека лажно се претставувал како принц на Македонија и Црна Гора. Тој со лажниот индентитет со години живеел на сметка на голем број италијански и светски џетсетери. Италијанската полиција успеала да го приведе лажниот принц на Црна Гора и Македонија кога направил голема сметка во одморалиште во кое престојувал, а менаџерот ја проследил до амбасадите на Македонија и Црна Гора. Од македонската амбасада тогаш реагираа со зборовите „не испраќајте ни сметки, немаме принц и сигурно не го делиме со Црна Гора“.

„Претседателот на Владата, Зоран Заев, оствари неофицијална средба од неформален карактер со лицето Стефан Чернетиќ во рамките на неговите средби и контакти со заинтересирани граѓани“, велат од Владата за „Макфакс“.

 Покрај ставот на Владата, Чернетиќ на социјалните мрежи напишал: „Бевме љубезно поканети оваа недела во Скопје за да дискутираме за дипломатски проекти во палатата на Владата. Македонија расте толку бргу и е одлична можност за инвеститори, туризам и бизнисмени“.

Чернетиќ беше обвинет за лажно преставување и фалсификување документи од страна на италијанската полиција. Поради титулата што Чернетиќ сам си ја доделил, тој имал прием од градоначалници, наследници на кралски семејства и високи свешетени лица. Случајот откриен минатата година беше потврден и од Министерството за надворешни работи.