Лажен туристички аранжман им приреди хорор на две македонски студентки


Две студентки од Македонија, кои изминатиов викенд решиле да го поминат во Истанбул, наместо релаксирачко тридневно патување, доживеале хорор-искуство. Платиле по 230 евра од човек за повратна авионска карта Скопје – Истанбул – Скопје и за три ноќевања во хотел во градот. Но, наместо тоа што им биле ветено, добиле авионска карта во само еден правец.

Сè почнало откако одлучиле да платат аранжман преку „Одмори се“, бидејќи само тие имале слободни аранжмани за еден од најбукираните викенди во туристичките агенции, бидејќи се поклопи со празникот 8 Март. Комуникацијата ја воделе со извесен Влатко Трајковски, кој на телефонскиот повик се претставил како вработен во Друштвото за туризам и услуги „Одмори се травел“ ДООЕЛ.

Тој им рекол дека во цената е вклучена повратна авионска карта со авиокомпанијата „Пегасус“ и платени три ноќевања во хотелот „Алепх“ во Истанбул. Трајковски им побарал парите да ги уплатат на жиро-сметка со назнака „патување во Истанбул“, што тие го сториле. Но тој не им дал никаков потпишан договор во врска со патувањето. Затоа, пак, во цената од 230 евра им вклучил и дополнителен багаж. Првиот сомнеж дека се можеби жртви на измама им се јавил кога по електронски пат ги добиле билетите, на кои било погрешно напишано презимето на една од патничките, но добиле ветување дека грешката ќе биде исправена.

Како што раскажуваат нашите соговорнички (чиј идентитет е познат на редакцијата „Независен весник“), сомнежите им се засилиле при пристигнувањето на скопскиот аеродром. Имено, при чекирањето на билетите, им било кажано дека немаат платено за дополнителен багаж, па морале на самото место да доплатат дополнителни 20 евра.
– Мислевме дека е техничка грешка и дека е возможно да се случи. Го контактиравме Влатко, а тој тврдеше дека е невозможно да не е платено бидејќи за дополнителниот багаж му доплативме една недела пред патувањето. Сепак, се сложивме да платиме бидејќи тој ни вети дека тие пари ќе ни ги врати – раскажува едната студентка.

Следниот шок следувал при пристигнувањето во споменатиот хотел, кога рецепционерот ги прашал: „Ќе платите во кеш или со картица?“, и им покажал дека за нив има само резервација, но не е платено сместувањето. Тогаш, Влатко, телефонски повторно им тврдел дека е грешка и дека парите се префрлени на хотелот и дека веројатно утрината проблемот ќе биде решен.

Следното утро менаџментот на хотелот љубезно ги замолил да си платат бидејќи пари на сметка на хотелот не стигнале. Нашите соговорнички се уплашиле дека парите што ги носеле со себе нема да им стигнат до крајот на патувањето ако продолжат да плаќаат за сè за што сметале дека уште од Скопје им било намирено.
– Плативме вкупно 70 евра за трите вечери. Повторно се обидувавме да стапиме во контакт со Влатко, но тој повеќе не беше достапен – велат соговорничките.

Поминувајќи ги следните два дена многу поштедливо, бидејќи буџетот планиран за џепарлак им се намалувал, одвај дочекале да дојде понеделник за да се вратат во Скопје. Но тука го доживеале последниот шок, кој бил најстресен.
– Стигнавме на аеродромот „Субиха“ и веднаш се упативме кон шалтерите за чекрирање. Во нас ги имавме испечатените билети за назад, кои Влатко ни ги достави. Но девојката на шалтерот ни рече дека се фалсификат бидејќи нашите имиња ги немаше во системот на резервирани и платени билети кон Скопје – вознемирено раскажува едната девојка.

Повторно ѕвонеле кај Влатко, и повторно бил недостапен. Прашале кога е следниот лет за Скопје и колку ќе ги чини картата, но следниот лет бил за три дена, а цената на картите ќе ги чинела 450 евра. Во паника дека се оставени на милост и немилост во милионски град, чиј јазик не го зборуваат, а и локалното население со тешкотија зборува англиски, се обиделе да најдат превоз до автобуската станица.

– Таксистите не нè разбираа дека сакаме да нè однесат до автобуска, за да видиме дали ќе најдеме автобус до Скопје. Тогаш, му се јавивме на пријател кој го зборува турскиот јазик и тој телефонски му кажа на едниот таксист каде треба да нè однесе. Имавме среќа кога стигнавме на автобуската, имаше слободни места во автобус од косовска компанија и купивме карти со последните пари. Иако нивната рута беше малку поинаква, сепак шоферот кога нè виде исплашени одлучи да нè донесе до Скопје до главната автобуска станица – раскажува едната девојка.

Сопственикот на „Одмори се“ тврди дека фирмата оди под стечај
Извесниот Влатко Трајковски не беше достапен ниту за редакцијата на „Независен весник“. Неколкупати му вртевме телефонски и му испративме и СМС-порака, но не добивме никаков одговор.

Основачот и сопственикот на Друштво за туризам и услуги „Одмори се“, Ненад Марковски, тврди дека фирмата е во стечајна постапка и дека аранжмани последно направиле минатата година. Во Централниот регистар, пак, во тековната состојба на „Одмори се“ пишува дека субјектот е сè уште активен. Марковски, кој ни рече дека не е во земјава, преку Вибер не даваше директни одговори за конкретниот случај, но тврдеше дека не нудат веќе аранжмани.
На прашањето на „Независен весник“ како и зошто ги пратиле девојчињата за Истанбул со карта во еден правец, без платен хотел и дали ќе ги обесштетат материјално и за претрпениот стрес, тој ни одговори: „Немаме канцеларија и не работиме уште од лани“.
На прашањето дали се познава со Трајковски и како тој продава аранжмани во име на фирмата, Марковски одговори: „Не може да нуди во името на фирмата кога таа не е активна со месеци и е почната постапка за стечај“. За тоа како се измамени студентките, Марковски не упати прашањето да му го поставиме на Трајковски кој, пак, во текот на целиот вчерашен ден не одговараше на нашите повици.
Според законските прописи, организаторот на патувањето е обврзан да издаде потврда за патувањето, што во случајот не е направено. Оштетените може да пријават во Државен пазарен инспекторат, но и да поднесат приватна тужба кон лицата кои ги оштетиле.

Ивана Настеска