Курумблис: По решавањето на прашањето со Македонија, Грција ќе стане регионална сила


Атина треба да ги реши отворените прашања со Македонија и Албанија, а по затворањето, Грција ќе стане регионална сила на Балканот. Ова го изјави грчкиот министер за поморски транспорт Панајотис Курумблис.

Тој верува дека начинот на кој владата, премиерот Алексис Ципрас и министерот за надворешни работи Никос Коѕиас ги водат разговори за името, ги гарантира националните интереси на Грција.

Запрашан од „Скај ТВ“ дали тој се согласува северниот сосед на Грција да биде именуван со терминот Македонија, Курумблис посочи дека тој е за сложено име. „Не мислам дека името Македонија е дадено, јас сум за сложено име и мора да кажам дека првпат во преговорите се вклучени и прашања за иредентизмот“, рече грчкиот министер.

Тој смета дека по завршувањето на преговорите со Македонија и со Албанија, Грција ќе стане регионална сила.