Курти: Со Тачи, Косово губи во преговорите со Србија


Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти смета дека косовскиот претседател Хашим Тачи не е компетентен да ги предводи преговорите со Србија и дека работи единствено за сопствени интереси.

– Тачи е лажго, тој не е компетентен да ги води овие преговори. Првично треба да направиме евалуација на 6-годишниот дијалог и да ги определиме нашите цели, а потоа може да зборуваме за екипата која ќе ги води овие преговори, изјави Курти на прес-конференција по повод заминувањето на Тачи в недела во Брисел на нова рунда преговори со српскиот колега Александар Вучиќ.

Според Курти, шестгодишниот дијалог треба да се вреднува и не треба да се избрзува со нов дијалог.

– Нека изгубиме уште шест недели за вреднување на договорите кои се постигнати до сега, порача Курти.

Тој порача дека неговата партија поддржува дијалози засновани врз принципи, но не и дијалози за лични интереси.