Кумуцакос: Не е изводливо Владата да постигне конечен договор за името


Договорот треба да биде комплетен, целосен и конечен и да ја разликува соседната земја од Македонија, вели Јоргос Кумуцакос одговорен за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија во интервју за весникот „Real News“.

– Владата е повикана да донесе договор што ќе биде комплетен, целосен и конечен. Што ќе го разликува, на комплетно јасен начин, нашиот северен сосед од Македонија. Ова, не е изводливо, смета Кумуцакос и додава дека ова е нешто што лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, навремено го истакнал.

Одговорниот за надворешна политика во најголемата грчка опозициска партија во интервјуто вели дека „неодамнешните изјави од Скопје ставија кочница на целосно неопходната ревизија на Уставот на соседната земја и на спроведување на договореното име за сите употреби“.

Според Јоргос Кумуцакос, ваквата разврска е негативна за Грција, а „прашањето не е дали продолжуваат преговорите, туку како продолжуваат и каде водат“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, тој ја споменува и изјавата на шефот на македонската дипломатија по средбата со неговиот грчки колега во Охрид, кога Димитров дека со Коѕијас разговарале и за спречување на иредентизмот од двете страни.

– Не станува збор едноставно за потврдување на бескомпромисноста, туку за нови барања од скопската страна, конкретно на господинот Димитров кој, верувале или не го постави прашањето за иредентизам од страна на Грција, кон неговата земја. Ова не е чекор напред. Не е воопшто чекор што треба да се забележи. Тоа е чекор на сериозно уназадување. Нешто што се случи во присуство на министерот за надворешни работи на Грција, а господинот Коѕијас јавно молчеше, вели Кумуцакос.