Куба за првпат ќе има претседател кој не од лозата на Кастро


Првпат по речиси шест децении, се очекува Куба да добие претседател кој не е од семејството Кастро по револуцијата во 1959 година, кога Фидел, постариот брат на Раул, ја презеде власта. Постои поголем интерес од вообичаеното за парламентарните избори што ќе се одржат во недела, бидејќи новиот Парламент треба да се состане на 19 април и да избере наследник на 86-годишниот претседател Раул Кастро. Тој минатата година објави дека нема да се кандидира за трет мандат на функцијата. Преовладуваат очекувања негов наследник да стане актуелниот потпретседател Мигел Диас-Канел, инженер кој бил министер за образование.

И покрај тоа што кубанските избори минуваат без многу бука, избирачката активност – некои тоа го припишуваат на владиниот притисок – варира околу и над 95 отсто. Повеќе од осум милиони Кубанци треба да изберат 605 членови на Националното собрание и 1.265 делегати во 15 провинциски собранија.

Во меѓувреме, изборната кампања не наликува на ниту еден изборен процес во регионот. Нема рекламни спотови. Нема предизборни митинзи. Нема кандидати под партиски слогани затоа што сите или се членови на владејачката Кубанска комунистичка партија или се „независни“ кандидати кои се придржуваат кон партиската линија.

Единствениот надворешен знак за претстојните избори се фотографиите и биографиите на кандидатите објавени на јавни места. Самите кандидати тивко посетуваат квартови и фирми за да контактираат со луѓето.