Критична маса: Подобри закони за поубави градови


Под мотото „Подобри закони за поубави градови“, „НаТочак“ – Скопје, попладнево, со уште една велосипедска тура од плоштадот „Македонија“ што ќе почне во 17:30 минути, ќе им даде поддршка на законските измени за зголемување на безбедноста во сообраќајот и подобар квалитет на живот во градовите.

Во исто време ќе делуваат и „критичните маси“ во Штип и Прилеп.

Измените на  кои ги предлага Групата ентузијасти за подобро велосипедско Скопје „НаТочак“ предвидуваат во населено место да не се проектираат улици за движење со брзини од 90 километри на час и да се намали широчината на коловозните ленти со што би се намалила прекумерната брзина на автомобилите која е причина број еден за сообраќајни судири со тешки повреди и смрт.

Предлогот е за измена  на дел од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, а е изготвен во соработка со Битола НаТочак, Прилеп НаТочак, Гостивар НаТочак и Штип НаТочак.

– Со намалување на широчината на коловозните ленти ќе остане и повеќе простор за пешачење, возење точак, зеленило и други содржини, ќе се намали и цената за изградба на овие улици кои се плаќаат од народни пари. Зошто да се трошат јавни средства за 20 отсо поскапа изградба и одржување, зошто коловозот на булевар со шест ленти да биде широк 21 метар кога може да биде 18 и притоа да обезбеди ист проток на возила, а поголема безбедност?, се некои од забелешките на „НаТочак“.

„НаТочак“ поднесе и предлог да се воведат велосипедска улица и велосипедски пат како нови категории на улици, велосипедскиот паркинг да стане задолжителен за секој новоизграден објект и урбаната опрема да не го попречува движењето на пешаците и велосипедистите.

– Има уште многу подобрувања кои можеме да ги направиме во регулативата од областите градење и урбанизам за да поставиме основи за планирање на улици со цел безбедност за сите, за да поставиме основи за похумано планирање на градовите воопшто, пишува „НаТочак“ на својата фејсбук страница.