Критика од другар
Гордана Попсимонова
Кратко и јасно – ова што го гледам како почеток на владеење на новата реформска влада, не е тоа што го очекував. Не знам дали моите желби беа преголеми или пресилна беше мојата згрозеност и револт од владеењето на претходниот клептократски режим, ама морам да кажам – стартот на екипата околу Заев не ми се допаѓа.
Го пишувам ова наполно свесна за сите ограничувања во нејзиното дејствување. Било да се работи за тесното парламентарно мнозинство и уценувачката зависност од ДУИ, било да станува збор за деструктивната вмровска опозиција и нејзините сé уште активни инсталации во администрацијата, судството и полицијата или, пак, за притисоците од т.н. „меѓународна заедница“ за промптно надминување на отворените прашања со соседите. Го изнесувам мојот впечаток не заборавајќи ги насилствата, опструкциите и сите можни премрежиња преку кои мораше да ги совлада, истрпи премине екипата што е сега на власт. Ги имам предвид сите објективни околности во кои се најде Зоран Заев, какви што се злоупотребите на Договорот за пријателство со Бугарија, преку извесна Кочева и нејзината теза за македонскиот како „деструктуиран“ бугарски јазик, што во старт ги минира разговорите меѓу работните групи. Се ставам во „положение“ на Заев и преку протоколарниот скандал по неговата посета на Белград, каде што на аеродромот го пречека маргинален министер, некаков си Поповиќ, познат во жолтиот печат по своето русофилство и аферата „Рајски документи“.
Наполно сум свесна за она што се нарекува принуда на условите, во кои се влечат изнудени потези. Сепак, и покрај тоа, не сум задоволна од првите чекори на новата влада. Затоа што мислам дека не го направи тоа што можеше да го направи на внатрешен план, барем на почетокот . На пример, со сопствен показ да демонстрира како се спроведува департизација на државата. Помина една година од парламентарните избори и цел месец од локалните, а јас сé уште никаде не видов јавен конкурс за раководители на јавни претпријатија. Ама затоа видов купишта директори, октроирани по партиска, комшиска, роднинска или опортунистичка основа. Некои од нив се жив блам.
Гледам и неартикулирани реваншистички постапки кон бившите раководители или вработени во пониските ешалони на администрацијата. Слушам и за некои дечки со дебели тетовирани вратови кои рекетираат фирми претставувајќи се како агенција за обезбедување на СДСМ. А, Оливер, односно полицијата, нигде ја нема, освен како поддршка на пазарната инспекција, која лови малолетници во локалите. Читам за некакви работни групи за реформи во правосудството и во безбедносните служби, но не гледам некаква транспарентност во нивната работа. Со еден збор, го чувствувам баукот на груевизмот и во новата власт. Преку манирот на „наши и нивни“, преку ароганција, преку нааканост, преку нетранспарентност во суштинските реформски приоритети, преку инсталирање партиска недопирливост, преку импровизации, преку одмаздољубие, преку површност, преку кавгаџиство со неистомисленици или преку „учинување“ на блиските. А тоа ич, ама ептен не ми се допаѓа.
Дами и господа, другари и другарки од СДСМ. Пред некое време напишав, и сé уште стојам на тоа, дека ја имате мојата доверба. Гледам и многу мои блиски луѓе кои безусловно застанаа зад вас и вашата мисија да го симнете, но и ДЕМОНТИРАТЕ груевизмот, веќе се на работ на дилемата – вредеше ли сето ова? Секое трпение има критична точка, како што и секоја поддршка има крај. Знам дека Рим не е создаден за седум дена, како што знам дека на СДСМ му треба извесно време да ги менува работите. Мое е да предупредам со време, за да не биде потоа дека погрешно сме се разбрале. Ако не ви е јасно, ќе ви напишам со големи букви – НЕ СЕ БОРЕВМЕ ЗА ЗАМЕНА НА КУЛТОТ НА ГРУЕВСКИ СО КУЛТОТ НА ЗАЕВ, ТУКУ ЗА ДЕМОКРАТИЈА, ПРАВДА И ПРАВНА ДРЖАВА.
Благодарам на вниманието!