Кристијан Хелбах: Вие и натаму ќе бидете Македонци…


 

-Вие и натаму за нас ќе бидете Македонци, вашиот јазик ќе биде македонски јазик. Тоа е загарантирано со договорот. Сакаме да ве видиме во Европа и сега мора да ја искористите шансата. Ве чекаме со отворени раце и не постои план Б за вас. Сега треба да се донесе вистинска одлука бидејќи во спротивно вашата земја може повторно да биде закочена, порача денеска Кристијан Хелбах, специјален претставник за Југоисточна Европа на Германија,  кој престојува во кратка посета на Македонија. Тој не сакаше да го коментира однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ околу референдумот, порачувајќи дека нема намера да се меша во внатрешните состојби во земјата.

-Слушнавте колку е значајно сите да се вклучат. Ако се уште не ви е јасно колку ни е значајна нам оваа тема,  нема што да додадам, рече германскиот функционер, аргументирајќи го тоа со престојната посета на канцеларката Ангела Меркел, заедно со министрите за одбрана и за надворешни работи.

Околу тоа дали Македонија има евроатлантска перпектива, тој порача дека германскиот одговор е да. Според него, Македонија многу долго била закочена поради името и тоа не само што ја вратило назад нас, туку станало болно и за нив.

-Кај нас постои интерес за приближување на вашата земја кон ЕУ и НАТО. Затоа сме среќни, дури и воодушевени што на вашата влада и успеја да го реши спорот со Грција. Ова е историско решение ,додаде тој порачувајќи дека ова е најдобрата вест од Западниот Балкан оваа година.

-За нас е важно спогодбата да биде имплементирана. Апелираме до сите политички сили  да не застанат на патот и да ја искористат оваа историска шанса, рече ерманскиот функционер пред трибината организирана за европските перспектикви на Македонија, на која учествуваа и актуелниот и поранешниот шеф на дипломатија, Никола Димитров и Никола Попоски.Иако беше најавен, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во последен момент си испрати замена на собирот.