Кристал Палас испушти победа против лидерот Манчестер Сити


Екипата на Кристал Палас пропушти во дуелот од 21.коло од Премиер лигата одигран денеска да го совлада лидерот на табелата Манчестер Сити. Во последната минута домашниот играч Лука Миливојевиќ не реализираше пенал откако неговиот удар голманот на „граѓаните“ Едерсон успеа да го одбрани.

Натпреварот заврши без голови 0:0 и со тоа е прекината серијата од 18 победи на Манчестер Сити. „Граѓаните“ последен пат одиграа нерешено ова првенство во 2.коло на домашен терен со Евертон 1:1 (21.август).

Воедно ова беше прв натпревар сезонава во Премиер лигата на кој Манчестер Сити не постигна гол, а и прв натпревар на кој Кристал Палас не прими гол на домашен терен.

Манчестер Сити е прв натабелата со 59 бодови, пред Челзи со 45, Манчестер Јунајтед има 44, а Ливерпул 41.

Кристал Палас со денешниот бод има 19 и се наоѓа на 17.место.

Во последниот натпревар од Премиер лигата во оваа година ќе играат ВБА и Арсенал, а почетокот на дуелот е во 17:30 часот.