Криза во косовската Влада поради таксата кон Србија, коалициските лидери на средба кај Тачи


Лидерите на најголемите партии од владејачката коалиција, премиерот Рамуш Харадинај од Алијансата за иднината на Косово (ААК), претседателот на Собранието, Кадри Весели од Демократска партија на Косово (ПДК) и вицепремиерите Фатмир Лимај од Социјалдемократска иницијатива (Нисма) и Беџет Пацоли од Алијансата Ново Косово (АКР), вечерва повторно се собраа на средба кај претседателот на државата Хашим Тачи.

Веста, како што јави дописникот на МИА од Приштина, ја објави агенцијата Косовапрес, напоменувајќи дека ова е втор денешeн состанок на косовските лидери, по оној што претпладнево го имаа со американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет.

Извесно е дека цел на средбата е да се најде решение за разликите меѓу коалициските партнери за американското и барањето на Европската унија за укинување на таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и од Босна и Херцеговина.

Тачи и ПДК на Весели, како и АКР на Пацоли, се залагаат за укинување на таксата, додека упорно на ова барање се спротивставува премиерот Харадинај и неговата ААК, а според медиумите, во тој став го поддржува и партијата на Лимај, Нисма.