Крадците во Струмичко украле над дваесет милиони денари за десет месеци


За десет месеци во Струмичко се регистрирани ококу 450 кражби, а пленот на крадците вреди над дваесет милиони денари, соопшти СВР Струмица.

Од регистрираните, близу 450 кражби оваа година, над 300 се тешки. Мета на крадците биле куќи, станови, продавници и возила. Најчесто краделе златен накит и пари, но заминале и со рачни часовници, очила за сонце, парфеми и мобилни телефони.

Според портпаролката на СВР Струмица, Хризантема Рендевска, крадците многу добро биле запознати со движењето на оштетените граѓани, но и кога се отсутни од домовите. Најчесто тоа било во периодот од 18 до 24 часот.

-Според извештаите операциите во најголемиот број случаи ги вршеле со отворање на влезните врати со погоден клуч, користеле ракавици, но и со поставување на тенка фолија во цилиндарот на бравата за да се избегнат механички траги од користениот клуч. Регистрирани се и случаи кога вратите биле отворани насилно, информира портапролката Рендевска.

Во последните три месеци зачестиле кражбите во селата под планината Беласица. Таму на удар биле куќите на печалбарите, во кои само повремено живеат жители од овие краеви. Оттаму крадците украле пари, златен накит, телевизори, рачни часовници и разновиден алат.

Инаку, досега полицијата ги открила сторителите на 202 кражби, а активно работи на расчистување и на останатите.