Кој ќе му остане верен на Мицкоски?


На третиот ден од почетокот на јавната кампања за референдумот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги собра коалициските партнери, но и тој состанок не резултираше со конкретен став во врска со гласањето на 30 септември. Следниот ден, раководството на ВМРО-ДПМНЕ замина за Кичево, на протестниот марш што беше одложен пред околу еден месец поради учеството на Мицкоски на лидерските средби на кои се правеа обиди за договор околу деталите за референдумот.
Во говорот на Мицкоски во Кичево доминираа патриотски, па и популистички пораки, а најголем впечаток остави неговиот цитат од времето на историското ВМРО: „Ако водам – следете ме, ако се двоумам – поттурнете ме, ако ве предадам – убијте ме“. Сепак, и покрај драматичното обраќање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повторно не го соопшти ниту личниот ниту партискиот став во врска со референдумот. Во дел од неговиот говор може да се препознае осуда за постигнатиот договор за името, покрај сите други остри критики што ги изнесе Мицкоски во однос на владејачката партија и премиерот Зоран Заев, за кого рече дека „ќе биде последниот мрачен лик кој ја запоседнал премиерската фотелја“.
„Ние сме ВМРО, ние сме Македонија, ние не се осмелуваме да изигруваме господари на судбината на илјадници генерации, ние не се осмелуваме да газиме на коските на нашите паднати херои, ние не плукаме на гробовите на нашите дедовци. Вие го правите тоа. Затоа замолкнете. Извадете го ВМРО од устата. Не заслужувате да го спомнете тоа име и тие свети четири букви“, рече Мицкоски.
Сепак, тој настапи и со став дека нацијата треба да донесе одлука, што може да се смета и за навестување дека актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема да се вклучи во кампањата за бојкот, која од поодамна ја водат одредени поранешни, но и сегашни партиски функционери.
„Не може за национално прашање да одлучуваат политички елити. Ова не се партиски надитрувања. Нам Македонија ни е сè. Нема партиите да одлучат, за национално прашање ќе одлучи нацијата и на нејзината одлука сите ние ќе се поклониме. И тоа ќе биде тоа“, рече Мицкоски.
Анализите на неговиот говор упатуваат и на тоа дека се големи шансите раководството на ВМРО-ДПМНЕ да им препорача на своите гласачи на 30 септември да постапат по свое убедување.
„Кој е Христијан Мицкоски да му кажува на народот што треба да прави, да се обидува да го замајува со скапи маркетиншки трикови и странски ПР-советници. Кој ми го дал тоа право? Во моментот кога одбрав да влезам во политиката, свесно одбрав да бидам слуга на мојот народ. Не може за национално прашање да одлучуваат политички елити“, рече опозицискиот лидер.
Протестниот марш во Кичево е, всушност, дел од „работното лето“ што уште пред два-три месеци го најави ВМРО-ДПМНЕ, иако овој проект не се реализираше со толку голема динамика како што првично беше промовиран. Овој опозициски собир, всушност, не е во рамки на јавната пропаганда за референдумот што веќе на големо ја водат владејачките партии. Сепак, настанот во Кичево, како и средбата со коалициските партнери што му претходеше, укажува на одредена мобилизација на најголемата опозициска партија.

Мицкоски ги собра за време на викендот партиите што останаа во коалицијата „За подобра Македонија“. Од фотографиите што беа објавени од средбата, евидентна е разликата во однос на состаноците што претходниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ги одржуваше во овој формат. Наместо во порта „Македонија“, каде што најчесто заседаваше тогаш владејачката коалиција, а каде што од неодамна е поставен „бројчаникот на Заев“, сега состанокот се одржа во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, само два-тројца од присутните на средбата сега се пратеници, додека другите гости во централата на ВМРО-ДПМНЕ, главно, се претседатели на вонпарламентарни партии.
Вчера ги контактиравме пратениците Љупчо Димовски и Иван Стоиљковиќ, кои беа на средбата како претставници на СПМ и ДПСМ, но не успеавме да добиеме став од нив околу размислувањата на помалите партии во врска со референдумот.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, соопштија дека главна тема на средбата биле претстојниот референдум и позициите на партиите во однос на ова прашање. Доминирал, наводно, ставот дека договорот потпишан во Нивици е капитулантски чин кој предизвикува долгорочна штета по повеќе основи. Мицкоски, исто така, им рекол на партнерите дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со активности на терен, со цел да ги слушне гласот и волјата на членовите, активистите и граѓаните врз основа на која ќе го донесе конечниот став во однос на референдумот.
Коалицијата „За подобра Македонија“ моментно брои 48 пратеници, од кои петмина се од помалите партии. По референдумот, доколку се остварат очекувањата за негова успешност, токму од овој опозициски табор владејачката партија ќе треба да регрутира минимум осум гласа плус, за прогласување на уставните измени кои се предвидени со договорот со Грција. Првичните најави од ВМРО-ДПМНЕ беа дека ќе даде поддршка за уставните измени, доколку референдумот заврши со афирмација на договорот за името, независно од сегашните опозициски негирања на документот од Преспа.

Александра М. Митевска