Кој ќе заврши прв на суд – Иванов или Џафери?


Парламентарното мнозинство и претседателот Ѓорге Иванов влегоа во нов судир, а Законот за употреба на јазиците заглави во политичко-правен лавиринт по најавата за апсолутно вето. Таков инструмент не постои во македонскиот Устав, наспроти суспензивното вето, кое е претседателско право при првично донесување на кој било закон, освен ако не е во прашање регулатива што е изгласана со двотретинско мнозинство.

Иако се спорни повеќе моменти во однос на процедурата според која беше изведено повторното донесување на Законот, почнувајќи од пробивањето на рокот за почеток на расправата, па до прескокнувањето на опозициските амандмани, вчера повеќе правни експерти и практичари се огласија со став дека Иванов е обврзан овој пат да го потпише указот за прогласување на регулативата за јазиците, така што постапката за нејзино оспорување сега може да продолжи единствено во Уставниот суд. Доколку, пак, шефот на државата сепак реши да го чува Законот за јазици во фиока и подолго од седум дена, тогаш, според оценките, ќе создаде реални предуслови за покренување постапка за негова одговорност за прекршување на Уставот, иако еден обид за импичмент против него – за колективната аболиција, во времето кога СДСМ беше опозиција, веќе се покажа како неизводлива опција, поради распоредот на сили во законодавниот дом.

Инаку, постапката за утврдување одговорност на претседателот почнува во парламентот, а завршува пред Уставниот суд, така што и во двете институции е потребно двотретинско мнозинство за евентуално отповикување на шефот на државата. Од друга страна, опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави завчера кривична пријава за спикерот Талат Џафери, поради прекршување на процедурите за носење на Законот, за кој, пак, најави дека ќе поднесе иницијатива за оценување на уставноста пред Уставниот суд.

Според Законот за Собрание, претседателот на парламентот истиот ден по донесувањето законот го доставува до претседателот заради потпишување на указот. Во рок од седум дена од денот кога ќе му биде доставен законот, претседателот го потпишува указот за прогласување на законот или писмено го известува претседателот на Собранието доколку одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот (што важи кога регулативата е изгласана првпат ). Членот 75 од Уставот на Македонија, пак, предвидува дека законите се прогласуваат со указ. „Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, стои во Уставот.

Професорката на Правниот факултет во Скопје, Гордана Давкова-Силјаноска, во еден свој научен труд за современите модели на организација на власта, објавен во 2010 година, посочува дека во македонскиот мешовит систем не постои можност суспензивното вето да стане апсолутно.
„По словото на Уставот, претседателот има право на вето само на законите што се носат со релативно или апсолутно мнозинство, но не и на законите што се носат со 2/3 мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако законот на кој претседателот ставил вето, се изгласа со апсолутно мнозинство при повторното гласање, тој мора да го потпише указот за негово прогласување. Значи, во македонскиот мешовит систем не постои можност суспензивното вето да стане ниту џебно ниту апсолутно“, наведува Силјаноска.
Адвокатот Александар Новаковски, поранешен генерален секретар на Собранието, вели дека во овој случај Иванов веќе нема право на вето. Шефот на државата, посочува Новаковски, го искористи тоа право во јануари, сега има обврска да го потпише Указот за прогласување на Законот за јазици.
„Сеедно на кого сѐ не му се допаѓа Законот за јазици, Иванов сега е должен да го потпише указот за негово прогласување. Постапката за оценување на уставноста на ова законско решение, пак, може да продолжи пред Уставниот суд, кој може да оценува и дали е прекршен Уставот со тоа што не се земени предвид амандманите на опозицијата. Ако Иванов овој пат не го потпише Законот, тој самиот ќе го прекрши Уставот, ќе создаде уставна криза и со полно право може да се соочи со постапка за утврдување негова одговорност“, вели Новаковски.

Тој објаснува дека за техничките уредувања на законите и за нивното доставување од парламентот до „Службен весник“, за да бидат објавени и да може да стапат во сила, се грижи генералниот секретар на парламентот. Од канцеларијата на генералниот секретар, законот се испраќа во „Службен весник“ со придружно писмо, но и со потписи од претседателот на парламентот и од шефот на државата.

По најавата од Иванов за ново вето, спикерот Џафери посочи дека претседателот е должен да го потпише указот, а дека во спротивно го крши Уставот, во делот на членот 75. Од СДСМ, исто така, оценија дека со најавите оти нема да го потпише указот, Иванов се обидува да се стави над Уставот и дејствува „како остаток на поразениот режим“. Од владејачката партија посочуваат дека Иванов е на должност пред граѓаните и законите, а не пред партијата.

Новиот уставен судија (и универзитетски професор) Осман Кадриу, кој беше предложен за функцијата токму од Иванов, вчера не даде оценка околу уставноста на донесениот Закон за употреба на јазиците, посочувајќи дека не сака да прејудицира евентуална одлука на Судот. Сепак, тој смета дека, согласно со Уставот, претседателот на државата е должен да го потпише Законот затоа што тој еднаш веќе го искористил правото на вето.
„Законот треба да влезе во правна сила откако ќе биде објавен во „Службен весник“. Потоа, треба да се чека ако до Судот дојде иницијатива за оценување на уставноста. Таа ќе биде разгледана строго стручно, професионално и уставно. Судот на крајот ќе ја донесе соодветната одлука“, рече Кадриу.

Ако претседателот не го потпише указот, Османи смета дека решението треба да се бара во одредбите на Уставот, Законот за Собрание и Деловникот за работа на Собранието.

Закон донесен во лоша процедура, според поранешната уставна судијка и судијка за човекови права во Стразбур, Мирјана Лазарова-Трајковска, мора да заврши пред Уставниот суд. За овој закон, вели таа, мора да се даде шанса да му биде оценета и уставноста и постапката во која беше донесен, особено поради тоа што немаше можност да добие мислење од Венециската комисија.
За најавата на Иванов дека нема да го потпише указот, Лазарова-Трајковска вели дека овде не се работи за желба, туку за должност. Рокот, додава, е пропишан во Законот за Собрание и е седум дена од изгласувањето.

Иванов нема време да го стигне Црвенковски

Во изминатите два дена, откако Иванов соопшти дека практично планира второ вето на истиот закон, во јавноста се споменуваат примери за тоа како и претходните претседатели на државата, почнувајќи од Киро Глигоров и Борис Трајковски, не потпишале укази на закони кои биле донесени во трето читање со потребното мнозинство. Сепак, разликата е во тоа што претходните претседатели од тактички причини ги чуваа во фиока спорните закони, но не објавија јавно дека и по вторпат нема да ги потпишат указите за нивно прогласување. Таков беше, на пример, случајот со законот со привилегиите што пратениците сами си ги изгласаа. Тој закон прво доби вето од Трајковски, кој потоа до бескрај го одолговлекуваше потпишувањето на указот, откако регулативата беше повторно изгласана во Собранието. Потоа, пратениците донесоа нов таков закон, додека претседател беше Бранко Црвенковски, кој стави исто така вето, иако во тоа време не беше во кохабитација, бидејќи собраниското мнозинство го сочинуваа СДСМ, ДУИ и ЛДП. По враќањето во парламентот, пратениците драстично ги омекнаа одредбите за кои Црвенковски изнесе забелешки. Исто така, интересен е случајот со ветото што го стави Црвенковски на Законот за јазици што го донесоа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, набрзо откако ја составија коалицијата во 2008 година. По повторното изгласување, Законот беше потпишан од тогашниот шеф на државата.
Претходниот на Иванов на претседателската функција е всушност рекордер според користењето на правото на вето – и во периодот од 2004 до 2006 година, кога на власт беше СДСМ, а особено потоа – до 2009 година, односно во периодот на кохабитација со ВМРО-ДПМНЕ. За разлика од Црвенковски, Иванов, иако има само уште една година од вториот мандат (односно цели девет години е шеф на државата), првпат употреби вето во јануари годинава, за да го суспендира Законот за јазици кој е дел од преткоалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ. Претходно, Иванов не суспендираше ниту една регулатива донесена во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, иако имаше многу закони што исто така предизвикуваа бурни реакции во јавноста. Сега, шефот на државата најави дека подготвува и второ вето – повторно за Законот за јазици.
Александра М. Митевска