Кој пие во кафеана, да си побара ваучер за такси


Гостите во скопските кафеани, кои ќе си резервираат преку ресторани.мк ќе добијат ваучер од 100 денари за такси, за да не возат дома под дејство на алкохол, најави денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Градот Скопје, АМСМ и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата денеска ја започнаа новата кампања за безбедност во сообраќајот „Ги возиме одговорните“.

„Многу ме загрижуваат бројките на пијани возачи во Скопје. Пред некој викенд дури 500 возачи беа фатени како возат под дејство на алкохол. Со вакви бројки не е воопшто чудно што сме на дното на листите за безбедност на улиците во европски рамки. Целта на оваа кампања е да ја зголемиме свеста кај граѓаните да возат одговорно, да избегнуваат да возат под дејство на алкохол како не би со загрозиле ниту својот ниту животот на другите учесници во сообраќајот. Граѓаните на Скопје мора да заборават на своите автомобили кога консумираат алкохол. Јавниот превоз работи до доцна во ноќта, такси цените се релативно евтини во споредба со други градови, а сега нудиме и можност за бесплатно такси. Во вакви услови сметам дека овде веќе не може да се има никаква толеранција за возење под дејство на алкохол“,истакна Шилегов.