Кој од Обвинителството ќе одговара за траумите на девојчето?


Дали државниот обвинител обвинител Љубомир Јовески ќе побара одговорност од своите вработени, поточно од обвинителот што требало да постапува по наводите за сексуални злоупотребувања на 13-годишната Р.И, штитеничка на ЈУ „25 Мај“? Дали обвинителот презел нешто, што презел и кога, особено по обвинувањата дека шест месеци по пријавата немало никаков одговор од Обвинителството? Дали ќе се провери работата и на обвинителот, како што социјална инспекција ги прочешла постапувањата на вработените во Центарот за социјална работа?

Овие прашања се наметнуваат откако и родителите, и МВР обелоденија дека поднеле кривични пријави по кои нема епилог и дека девојчето излегло од безбедниот шелтер-центар повторно на улица затоа што Обвинителството не си ја завршило работата.

Јовески вчера, на седницата за пратенички прашања, рече дека Обвинителството не може да покрене истрага против непознато лице. Тој тврди дека кај нив има само службени белешки, а не и кривични пријави со познат сторител.

– Врз основа на овие службени известувања, Обвинителството побарало одредени податоци од МВР за утврдување на идентитетот за сторителот на кривичното дело. Кога ќе го имаме идентитетот на сторителот на кривичното дело, ќе отвориме  истрага – рече Јовески.

Тој потврди дека во ОЈО – Скопје во септември лани била поднесена кривична пријава против ЈУ „25 Мај“ и против вработени во други институции. Јовески вели дека ОЈО – Скопје донело решение што сѐ уште не е правосилно.

– Обвинителството побарало информации од МВР за утврдување на сторителот. Ние кога ќе го имаме идентитетот, ќе отвориме и истрага. Предмети што се држат во фиока кај обвинителите нема. Ако има, ќе сносат одговорност – рече државниот обвинител.

Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, уште кога се обелодени случајот прстот го насочи кон обвинителите. Според неа, за 30 до 40 отсто е намален капацитетот со стручен кадар и недоволно се покренуваат постапките кои треба да бидат водени во институциите.

– Очекувам останатите институции што се одговорни за ова, како МВР и ОЈО, да ја завршат својата работа. Ние како МТСП сме во интензивна изработка на трансформациски планови за излегување на децата од тие институции и сместување во мали куќни домови – рече Царовска вчера во парламентот.

Од Центарот за права на Ромите, од каде што го обелоденија случајот, велат дека по него требало да постапува обвинителот Е.Н. Шест месеци немаше одговор и по кривичната пријава што ја поднеле родителите. Институциите се ангажираа откако случајот предизвика жестоки осуди во јавноста.

С.С.З.

Заев: Поддржувам максимална казна

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање во врска со последните случувања поврзани со штитеничката од домот „25 Мај“, рече дека е поддржувач на максимална казна за ваквите појави, затоа што само така ќе се испрати пораката никогаш да не се повтори.

– Јас сум еден од поддржувачите на максимално казнување, затоа што само преку максимални казни ќе ја испратиме пораката тоа да не се повтори никогаш повеќе – рече Заев.

Премиерот истакна дека ова монструозно нешто што му се случи на девојчето од „25 Мај“ не треба да му се случи на ниту едно дете, без разлика дали е во домовите или со своите семејства.

– Директорот на установата од етички причини поднесе оставка, но тоа не може да го врати времето. Можеби секојпат законите не даваат прецизно решение и затоа апелирам да се има максимална грижа за дечињата – рече Заев.