Кој е Стефанос Циципас, сензација на Австралија опен


Стефанос Циципас е сензација на годинашното издание на Австралија опен. Грчкиот тенисер бележи одлични настапи во Мелбурн каде ќе игра полуфинале. Досега ги нанижа Беретини, Троицки, Басилашвили, Федерер и Баутиста Агут, а сега се заканува и на Рафаел Надал, негов нареден ривал на турнирот. Потенциран е како иднина на светскиот тенис, ланската сезона ја одигра во стилот топло-ладно, но оваа почна фуриозно и на два чекора е до најголемиот успех во кариерата. На патот, покрај Шпанецот, му стои и Новак Ѓоковиќ, тенисери кои многумина ги гледаат во мечот за титулата. Може ли Гркот да ги наруши предвидувањата на јавноста и да помрси сметка на останатите фаворити?

Циципас е роден во 1998 година како прво дете од петте во бракот на Гркот Апостолос Циципас и Русинката Јулија Сергејевна Саљникова. И татко му и мајка му беа тенисери, па не беше лесно со тениската игра да го „заразат“ целото поколение. На него се гледа како еден од најталентираните играчи за кого прогнозите велат дека ќе биде во врвот на светскиот тенис во наредните десетина години. Како пресвртница во кариерата и во животот воопшто и самиот го опишува моментот пред неколку години кога неговиот татко и тренер го спаси од сигурна смрт. Како младинец, во почетокот на кариерата, меѓудругото настапи турнир на Ираклион на Крит од серијата Фјучерс. Еден од деновите го пополни со релаксирање во морето, но струја го повлече од брегот и благодарение само на навремената реакција на татко му беше изваден на копно. Оттогаш Стефанос постојано потенцира дека е максимално посветен на тенисот и ништо не може да го наруши во реализација на неговите цели.

Негов идол е Роџер Федерер над кого успеа да слави во осминафиналето на Австралија опен. Гркот демонстрира голема борбеност и храброст, а наградата дојде во вид на победа. Пред играчот кој забрзано се движи кон топ 10 на АТП листата се уште две пречки до најголемиот подвид во кариерата, оние најтешките на АТП турот – Надал и веројатно Ѓоковиќ. Евентуален успех во мисијата ќе значи додавање на нов трофеј во фамилијарната колекција од најнаселениот град во Австралија по златниот медал на неговиот дедо Сергеј Саљников што го освои со фудбалската репрезентација на поранешниот СССР по победата над поранешна Југославија на Олимпијадата во Мелбурн во 1956 година.