Кој е на погрешната страна од историјата
Љупчо Поповски
Летоска во јули, на годишната конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, лидерот Никола Груевски го објави планот за иднината на партијата откако ја загуби власта по 11 години: „Ќе ги зацврстиме и ќе ги збиеме нашите редови, ќе се преброиме и прочистиме, ќе ги изанализираме нашето работење и нашите пропусти и грешки, но и нашите добри политики и исправни одлуки кои треба да продолжат“. На протестниот марш во неделата и на протестите неколку дена претходно ова „пребројување и прочистување“ се виде многу јасно. Во неделата, покрај Груевски во првиот ред меѓу луѓето кои го носеа транспарентот неуредно и набрзина испишан „За правдината – за татковината“, беа неговото сегашно протеже, генералниот секретар Христијан Мицковски, пратеникот Крсто Јовановски, поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, поранешниот владин портпарол Александар Ѓорѓиев, а еден ред зад нив со кренати три прста, несудениот амбасадор во ЕУ, Александар Николоски.
Два и пол месеци порано, на 22 септември, кога од салата „Борис Трајковски“ беше објавен слоганот „Новата ера почнува“ уште не беше завршено „пребројувањето и прочистувањето“ – првиот ред во партерот беше полн со пратеници, поранешни министри, важни партиски луѓе, лидерите од коалицијата. Имаше некоја полуоптимистичка атмосфера во која се објави обидот за квантен скок на партијата во граѓанска десница. Денес, нема речиси ништо од сето тоа. Партијата им се врати само на познатите слогани за патриотизмот. Медиумите по инерција во сериозни дози следат сѐ што е поврзано со ВМРО-ДПМНЕ, иако неговата единствена вистинска политичка активност во овој момент е само во Собранието.
Сакајќи да определи еден драматичен атрибут поголем од оној кога поранешната опозиција ја опишуваше власта на Груевски како режим, преостанатите вмровски спин-доктори сегашната влада ја нарекоа марионетска хунта. Во еден политички вокабулар одредувањето на една власт како хунта (со јасна асоцијација за воените диктатури во Јужна Америка) треба да означи дека овие владини структури се однародени и дека владеат со помош на репресивниот апарат – војската и полицијата. Зборот хунта во неговото основно значење подразбира цивилен административен совет, како што денес се викаат автономните власти во шпанските провинции Андалузија и Астурија. Но одредувањето на воените диктатури со поимот хунта е најпознато во светот. Речиси е правило хунтите да владеат по воени удари на високи офицери од трите армиски рода, а нивниот шеф да стане и врховен командант на армијата. Оценките за инсталирањето на хунта во Македонија би требало да звучат мотивирачки за вмровските ешалони, но проблемот со нивната постојана и неконтролирана употреба е што врховен командант на армијата е претседателот на државата, кој произлезе од вмровските кабинети и кој нема издадено наредба војниците да излезат од касарните.
Оваа опсесивна идеја со пронаоѓање наратив кој ќе фрли најцрна од сите можни црни бои врз сегашната власт на СДСМ драматично ја оддалечува ВМРО-ДПМНЕ од реалноста во земјата. Тоа не е само прашање поврзано со клучните стратегиски правци за иднината на државата, туку тоа е прашање на неможноста или несакањето да се види и македонската и големата регионална слика. Работите во политиката многу често знаат да бидат сурови. Така беше во неделата. Додека Никола Груевски се подготвуваше за маршот по студеното време, премиерот Зоран Заев во Владата им беше домаќин на 30 лица со попреченост и нивните семејства. Заедно со познатата хумана група ентузијасти од „Ретвитни оброк“ пакуваше храна за бездомниците и сиромашните. Разликата од методите на претходната влада е многу видлива. Не е прашање дали е тоа подобро или полошо, дали е пропагандистички помалку или повеќе успешно – факт е дека двете политики се различни. Црвените теписи по кои граѓаните порано можеа да одат во Јупитеровиот храм на власта на некој вид поклонение и притоа да постават некое прашање до министрите за одредена своја мака имаше една улога, а изложбата во владините холови и емпатијата кон лицата со попреченост е друга работа. Некому тоа може да му изгледа како провидна емпатија, но тоа се агендите на политичарите, и во Белата куќа и во Елисејската палата.
Во потрагата на правецот на партијата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пред некој ден изјави дека нивниот став за поддршка на владините реформи од планот 3-6-9 се променил по одземањето на имунитетот на шесте пратеници. Димовски треба да биде поискрен и да каже дека ова не e промена на ставот, туку уште подлабоко вкопување во ровот во кој се наоѓаат уште од мигот кога неговата партија не успеа да ја формира новата влада. Зарем беше нешто поразлично сите овие месеци во Собранието? Одземањето на имунитетите на пратениците е искористено само како алиби да продолжи истата политика. Запрепастувачки е како ВМРО-ДПМНЕ не знае на кои шини да го качи партискиот воз во времето кога и времињата, и околностите, и приоритетите, и регионалната ситуација се неповратно променети. Ако само се потрудеа да ги прочитаат извештаите од посетата на министерот за надворешни работи Никола Димитров на Вашингтон и за редицата извонредно значајни средби (онаа со Рекс Тилерсон е на ниво на македонски политички спектакл) и разговорите овие два дена на премиерот Заев во Брисел, луѓето во ВМРО-ДПМНЕ лесно можеа да заклучат дека Македонија по долги години се подготвува за својата средба со историјата. И дека на таа средба со историјата можеа и тие да имаат своја улога која подоцна ќе ја капитализираат.
На прв поглед, тие не сакаат да имаат ништо со оваа „предавничка“ политика каде што сите пофалби треба да одат на сметката на Заев, што е инстинктивна реакција, а не стратегиска одлука. Заев се однесува како Бастер Китон од легендарниот филм „Генерал“, кога ја вози локомотивата во време на американската граѓанска војна совладувајќи пречка по пречка, а вмровските офицери се обидуваат да го запрат на неговиот пат. Тоа е појавната перцепција. Во основа, причините за ваквата хаотична стратегија на опозиционерите се на друго место. „ВМРО-ДПМНЕ предложи закон за амнестија на учесниците од инцидентот на 27 април и почеток на период на национално помирување. Затоа што овој реваншизам не нѐ води никаде“, изјави Груевски во неделата вечерта пред Владата.
Најголемата драма во демократска Македонија за него била „инцидент“. Доколку успееше организираниот преврат, тогаш ќе беше оценуван како триумф на волјата на народот. Сега со амнестијата треба да се покријат сите траги што би воделе кон нарачателите и креаторите на овој обид за државен удар. Би било добро да се знае што беше суштината на полноќните разговори кај претседателот Ѓорге Иванов во поширок состав, надвор од достапните приказни дека се разговарало за решенија за излез од моменталната тензичност во државата, која предизвикува загриженост кај граѓаните. И какви решенија биле понудени на масата. И како би требало да изгледа тоа национално помирување ако никој нема никаков грев ниту одговорност за „инцидентот“ на 27 април. Или како што вели Груевски: „На 27 април незаконски се назначи претседател на парламентот… очигледно со намера да му се постави стапица на револтираниот народ. Потоа се случија несакани работи. И денес многу невини луѓе страдаат, а тензиите во општеството растат“.
Тензиите навистина растат по „несаканите работи“, но кај оние што знаат каква улога одиграа во крвавата драма. Па сега, еден политички акт за амнестија треба на општеството да му се понуди како сируп засладен со сахарин за вмровскиот врв да има оправдување за својата приказна. Проблемот со конфузијата во ВМРО-ДПМНЕ не е можното дефрагментирање и маргинализирање на партијата, туку опасноста што може да произлезе од тоа – сегашнава влада да ги загуби координатите во владеењето и на свој начин да ја зароби државата. Довербата кон политичарите секогаш треба да биде до одредено ниво, а не да се претвори во послушност, затоа што тие лесно можат да го поминат брегот на Рубикон мислејќи дека имаат најдобри намери. Затоа ВМРО-ДПМНЕ треба да се соочи со својот момент на вистината, не толку за доброто на партијата колку за демократската кондиција на општеството.