Кој го урна режимот?


Роберт Несими

1. Година и пол по парламентарните избори во 2016 година веќе е иритантно да се слуша како важни политички актери сѐ уште се преправат како да не знаат што навистина се случи на тие избори. На пример, ВМРО продолжува да претендира дека доби мнозинство, па е неоправдано сега да биде во опозиција. ДУИ, исто така, продолжува со претензиите дека беше апсолутен победник во албанскиот кампус и дека има ексклузивно право да зборува во името на Албанците, наводно бидејќи добила мнозинство од нивните гласови. Во вакви илузии од поодамна е влезен и СДСМ, кој како да заборава дека не победи на изборите. Во обид да ја оправда коалицијата, тој дури ѝ дава крилја на ДУИ со тврдења дека немал друг избор бидејќи таква била волјата на Албанците, како што кажа премиерот во неговото последно интервју. Па со вакви претензии и гледање на работите од субјективен агол, лесно е да се заборави кој навистина го рушеше режимот.

За да се добие одговор на ова прашање, нужно е да се вратиме на бројките од изборите, кои покажуваат една сосема поинаква реалност. Тие веднаш ги демантираат претензиите за апсолутна легитимност на СДСМ кај Македонците, односно на ДУИ кај Албанците. Се разбира, за ова прашање коалициските партнери сега се повикуваат на граѓанскиот концепт, каде што нема место за поделени легитимитети, наспроти довчерашниот принцип „победник со победник“. Но, и тука математиката сега е поинаква, бидејќи од моментот кога Алијансата ја напушти коалицијата, Владата веќе нема ни граѓанска легитимност. Голата вистина што ја покажуваат бројките вели дека режимот не го урнаа СДСМ-ДУИ (на крајот на краиштата, ДУИ дури беше дел од тој режим), туку гласачите Албанци со своите гласови дадени за Алијансата, Беса и СДСМ. Да видиме што точно кажуваат тие бројки за секој од овие аспекти.

2. Режимот изгуби на избори. ВМРО колку и да го тврди спротивното, режимот не победи на избори. Точно е дека партнерите ВМРО-ДУИ заедно освоија 61 мандат, но тоа е само резултат на каприциозниот изборен систем кој ги пресметува мандатите на шест изборни единици одделно, и каде што голем број гласови се губат. Вистинската политичка легитимност, онаа на граѓаните и на нивните гласови, беше за промени. ВМРО и ДУИ заедно освоија околу 535.000 гласа, а опозицијата околу 611.000. Резултатот на изборите значи беше 53 отсто – 47 отсто за промени.

3. Новата влада имаше легитимитет. Следната претензија на ВМРО е дека новата власт не го претставуваше мнозинството и дека изборот на претседател на Собранието и следствено на тоа и на Владата не беше легитимен. Всушност, новата коалиција имаше двоен легитимитет. Најпрвин, таа легално обезбеди 62 пратеници во Собранието. Коалицијата СДСМ-ДУИ-Алијанса и двата други блока кои им се придружија, исто така, имаа околу 590.000 гласа наспроти 555.000 за партиите што останаа во опозиција. Значи, Владата имаше поддршка од 52 отсто од гласачите, а новата опозиција од само 48 отсто.

4. По излезот на Алијансата, Владата го изгуби легитимитетот. Кога сме веќе на ова тема, треба да се каже дека новата влада го изгуби легитимитетот кога од неа излезе Алијансата. Без Алијансата, таа сега има поддршка од само 48 отсто од гласачите, а 52 отсто се во опозиција. Значи, освен моралната загуба, откако од Владата излезе клучната партија за рушење на режимот и чиј претседател речиси го изгуби животот при формирање на новото мнозинство, Владата со овој чекор го изгуби и политичкиот легитимитет. Реториката за промени и заедничко општество целосно падна во вода после излезот на Алијансата од Владата.

5. СДСМ не победи кај Македонците, тие гласаа за власта. Бидејќи СДСМ често ја повторува волјата на граѓаните за промени, па дури ја интерпретира и волјата на албанските гласачи, редно е да се потсетиме дека тој не победи на изборите. ВМРО доби околу 450.000 гласа, а без Албанците што гласаа за СДСМ, останатите партии заедно добија околу 440.000 гласови. Значи, во македонскиот политички блок волјата беше 51 отсто наспроти 49 отсто за режимот. Јасно е дека без албанските гласови ВМРО сѐ уште ќе беше на власт.

6. ДУИ не победи кај Албанците, тие гласаа против власта. Сосема спротивен беше резултатот кај албанските гласачи. ДУИ освои само 86.000 гласа, а околу 165.000 Албанци гласаа за други опции, вклучувајќи го СДСМ. Значи, албанските гласачи гласаа 66 отсто – 34 отсто, или речиси 2-1 за да се сруши режимот.

7. Како падна режимот? Јасно е дека СДСМ во 2016 година немаше сили да ја урне ВМРО од власт. Всушност, без оние 40.000 гласа на Албанците, таа не беше ниту блиску до резултатот на ВМРО и нејзиниот пораз ќе беше подлабок. Во албанскиот политички блок владееше сосема поинакво расположение. Тоа беше целосно против режимот, па тие успеаја да го срушат режимот бидејќи опозициските партии добија далеку повеќе гласови од ДУИ. Албанските гласачи дури гласаа и за СДСМ, првпат во историјата, само да го доближат и да го израмнат со ВМРО.

Натамошниот однос на албанските партии беше во ист правец. Тие добро ја разбраа волјата на гласачот, па опозициските партии веднаш се произнесоа против коалицирање со ВМРО. На ДУИ ѝ требаше повеќе време, но соочена со јавното мнение и желбите на поголемиот дел од сопствената база, и таа на крајот немаше друга алтернатива освен да му сврти грб на својот довчерашен партнер во власта.
Политичките околности и изборниот систем наложија еден дел од режимот да падне и влада да формираат СДСМ и ДУИ, иако волјата на македонскиот и на албанскиот електорат беше спротивставена. Некому денес може да му е згодно да гради други наративи за да може да ги оправда своите чудни коалиции, но реалноста е таа. Режимот падна поради тие 40.000 гласачи Албанци кои го дадоа гласот за СДСМ, како и на новите партии – Алијанса и Беса, кои по секоја цена одбија каква било соработка со ВМРО кога се формираше новата влада.