Кој го возел џипот од МВР низ Грција?


Џипот „ренџровер дискавери спорт“, кој е во сопственост на Министерството за внатрешни работи, викендов бил во кругот на МВР во Скопје, но министерот Оливер Спасовски треба да провери каде било возилото претходните денови и кој се луксузирал со него по грчките патишта.
Фотографијата и видеото со џипот со регистарски ознаки SK-9559-AL на пат кон Грција се појавија во јавноста во саботата и според неофицијалните информации во џипот биле четири млади девојки, а наводно една од нив е ќерка на висок функционер на МВР. Според непотврдени информации, девојките отишле да одморат во кампот „Евридики“, кој се наоѓа десетина километри пред Лептокарија.
Министерството не негира дека џипот е службено возило на МВР и дека постоела дозвола да биде управуван од овластено лице вработено во Министерството, но тврдат дека викендов бил во Скопје.
Министерот Спасовски побарал од Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди да направи проверки и да му достави извештај. Сега треба да се провери, според регистарските таблички, која организациска единица во МВР го користи возилото, кој точно вработен е задолжен за ова возило и кој потпишал патен налог за службено патување. Објавувањето на видеото и фотографиите од џипот во Грција предизвика бес на социјалните мрежи и МВР треба итно да го расчисти случајот и ако проверката покаже дека информациите се вистинити – одговорност мора да има.
„Налог за службено патување во странство со службено возило мора да издадат или директорите на Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање или министерот. Се прават патни налози кое возило се користи и за што, за сè треба да постои документ во МВР“, вели поранешниот помошник-директор во Бирото за јавна безбедност, Љубомир Ѓурчески. Доколку, пак, нема таков документ, тоа ќе покаже дека во Министерството затајуваат службите, исто како и порано.
Исто така треба да се провери, вели Ѓурчески, на кој граничен премин е евидентирано возилото за излез од Македонија. „Таму би требало да го има во евиденциите за излез од Македонија и да се види точно кој го управувал“, вели Ѓурчески.
Ако се точни информациите дека возилото не го управувал вработен во Министерството, тогаш се отвора и прашањето кој издал полномоштво за управување на возилото во странство.
Согласно наредба на министерот, право на 24-часовно управување на службени возила, но само на територијата на Македонија, имаат министерот, директорите на УБК и БЈБ, нивните помошници, началникот на одделението за организиран криминал, како и началници на сектори за внатрешни работи. Значи дека околу 20-ина лица имаат на располагање возила кои може да ги возат каде било низ Македонија.
„Тоа се лицата на кои им следува право на 24-часовно користење патничко службено возило во Македонија, но не и надвор од територијата на државата. Кога се оди надвор, дури и во службата на владата, прават посебни проверки, протоколи на возилата“ вели Ѓурчески.
Тој вели дека ако четири девојки се возеле со џипот на МВР во Грција треба да се провери дали тие девојки се вработени во Министерството, како ја преминале границата и кој им дал патен налог за патување во Грција со службено возило.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека возилата на МВР може да ги користи само нивни вработен со патен налог и дека ако е направена некаква злоупотреба ќе има одговорност. Оттаму тврдат дека во Министерството постојат списи, акти, налози и документи за сè и дека извештајот за џипот ќе биде готов многу скоро.
Ѓурчески порачува дека во оваа ситуација министерот е должен на јавноста да ѝ ги даде сите потребни податоци, Министерството да биде транспарентно и да каже што точно се случило. „Тие се должни да излезат во јавност со точна информација. Во спротивно, ова ќе биде уште еден гаф како она што се случи во Крушево“, вели Ѓурчески.
Во јавноста останува впечатокот дека ништо не е сменето во однос на претходната власт. „Не се смени ништо, како интелектуалци не сменивме ништо, иако по 24 часа зборуваме на телевизија за недостатоците на минатата власт“, вели Ѓурчески.
Додека во обвинителството е во тек предистражна постапка за грантовите што ги додели Фондот за иновации, а на чија листа се најдоа и фирми во кои удел имаат и вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец, опозициската партија објави дека фирма на Анѓушев добила уште еден тендер.
Според информациите на ВМРО–ДПМНЕ, фирмата на Анѓушев „Брако“ добила тендер од речиси 40 илјади евра за набавка на заштитна мрежа на одрони покрај патот од Агенцијата за патишта. Опозициската партија обвинува за судир на интереси.
„Да го поставиш на јавна функција Кочо Анѓушев каде што има допир со народни пари е исто како да го поставиш волкот да ги чува јагнињата“, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Брако“ во реакција до јавноста тврди дека тендерот го добиле како резултат на добрата цена и фактот дека е единствен производител на поцинкувана жица во земјата, а не бидејќи сопственик на удел во компанијата е вицепремиерот Кочо Анѓушев. „Секоја друга понуда е далеку поскапа од нашата, а квалитетот е неспоредлив“, се наведува во реакцијата на „Брако“.
Сите овие сомнежи за злоупотреби на парите на граѓаните се појавуваат непосредно пред референдумот. Референдумот на кој Владата ги повика граѓаните да се изјаснат за евроатлантските интеграции за Македонија е највисока цел за оваа влада, но неговата успешност единствено зависи од гласовите на оние што го полнат буџетот.
Сообраќајката на Диме Спасов пример за злоупотреби
Сообраќајната несреќа со која поранешниот заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов, кој беше од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, остана запаметен во јавноста и досега е една од најголемите злоупотреби јавно откриени што ги направиле високи функционери со службени возила.
Пред две години Спасов со службен џип „туарег“ во сопственост на Агенцијата за вработување под дејство на алкохол удри во две возила едноподруго, избега по судирите и бегајќи беше запрен од полициска патрола. Потоа избега додека траел увидот, а подоцна на местото на настанот дошол друг човек кој тврдел дека тој возел, но не знаел што точно се случило.
За овој скандал немаше одговорност за Спасов, а ваквите злоупотреби на службените возила кои се купени со пари на граѓаните најчесто се откриваат ако со нив се направи некој инцидент или сообраќајка.
Другите злоупотреби остануваат сокриени далеку од очите на јавноста.
Фросина Факова – Серафиновиќ