Косовските студенти протестираа за визна либерализација
Студенти на приштинскиот Државен универзитет „Хасан Приштина“ денеска излегоа на протестен марш и собир пред Владата и Собранието на Косово со барање до Европската Унија да ги укине визите за патување на косовските граѓани во земјите на ЕУ.
Ова е втор протест на косовските студенти со истото барање, по оној од 24 декември, но овој пат поворката не замина пред канцеларијата на Европската унија во Приштина, туку остана пред Владата и Собранието, каде што побараа одговорност од државните институции за изолацијата на земјата.
Претставниците на студентите порачаа дека целта не им е да побегнат од Косово, туку бараат еднакви можности како и сите нивни колеги во Европа, за да ги развиваат своите способности, да студираат и да се стекнуваат со искуство кое ќе го користат за развојот на сопствената држава.
Демонстрантите носеа знаменца на земјите од Шенген зоната и банер со пораката „Дали е изолацијата вредност на Европската унија?“.