Косово блокира, Македонија размислува


Македонската страна уште размислува како ќе му одговори на Косово откако северниот сосед одлучи да стави рампа за македонскиот зеленчук и овошје. По неколкудневните изјави дека не се информирани, македонските власти вчера конечно дознаа за заштитната мерка што косовската влада ја воведува од петок, a ќе трае 3 месеци и вклучува 30-отстотното зголемување на увозните давачки за 21 македонски земјоделски производ.

„Сите ресорни министерства, за земјоделство, за економија и Царинската управа работат на анализи на ефектите од мерката и многу брзо ќе излезат со реакција во однос на воведената мерка, за што ќе бидат известени и членките на ЦЕФТА“, соопшти Министерството за земјоделство додавајќи дека обврска како ресорно министерство им е да го заштитат домашното производство и извозно ориентираните земјоделски производи.

Ниту министерот за економија Крешник Бектеши не беше поконкретен што може да се очекува наредните денови. Тој вчера имаше средба со косовскиот министер за регионален развој Расим Демири и како добар домаќин изјави дека ова не е никаква трговска војна меѓу Македонија и Косово и дека мерката не е насочена само против Македонија.

„Мерката се однесува на сите држави во светот кои извезуваат земјоделски производи во Косово. Имајќи ги предвид сите меѓународни договори, имаме обврска и ние да преземеме наши мерки“, рече Бектеши објаснувајќи дека македонската страна не била навремено информирана за воведувањето на мерката и дека согласно договорот на ЦЕФТА, Косово било должно навреме да ги информира сите земји членки за намерата за воведување царини.

Косовскиот министер ја бранеше мерката, и покрај тоа што нивните земјоделски здруженија изминативе денови протестираа против неа.

„Мислам дека мерката е добро проанализирана и сметам дека ќе биде во корист на нашите производители и оти ќе има позитивни влијанија“, изјави косовскиот министер Демири повторувајќи неколку пати дека не е посебно насочена против Македонија.

За Стопанската комора на северозападна Македонија ова е неразумен потег кој може да има негативни ефекти на бизнисот. Дрилон Исени, извршен директор на Комората, вели дека се пожалиле и набавувачите од Косово аргументирајќи дека косовското производство не е доволно за нивните потреби.

Во 2017 година Македонија извезла на Косово 9 илјади и 400 тони зеленчук и овошје, во вкупна вредност од 2,3 милиони евра. Од јануари до јуни годинава, за половина година, извезени се 6 илјади и 20 тони земјоделски производи со вредност од 1,5 милион евра. Во Македонија од Косово се увезува отпадно железо и амбалажирана вода.

Анита Салтировска