Корина Шумахер: Михаел е во најдобри раце и добива се што знае човештвото


Михаел Шумахер ја проживува шестата година од тешкиот пад за време на рекреативно скијање кај Гренобл, Франција. Оттогаш е чуван надвор од очи и уши на јавноста која знае многу малку за неговата здравствена состојба. Седумкратниот шампион во Формула 1 денеска го слави 50. роденден и по тој повод, конечно, се огласи сопругата Корина. Таа упати благодарност до фановите и автомобилистичкиот свет за поддршката и заедничката прослава на јубилејниот роденден и побара разбирање за моментите низ кои минува германскиот пилот.
„Мило ми е и од срце ви благодариме што ќе го прославите 50. роденден на Михаел Шумахер. Бидете сигурни дека е во најдобри раце и правиме се што е можно да му помогнеме. Истовремено ве молиме за разбирање бидејќи постапуваме по негови желби, па чувствителни теми како здравјето, ги оставаме во сферата на приватност. Благодариме на пријателството и семејството Шумахер и ви посакува многу здравје и среќа во 2019 година“, стои во соопштението на Корина Шумахер до јавноста.

Неофицијалните месечни трошоци за лекување – 220.000 евра

Семејството е изложено на големи трошоци за нега и подобрување на состојбата на Михаел Шумахер. Но, и за држење во тајност на фактичката ситуација, издатоци што, исто така, се прилична ставка во вкупниот буџет. Сопругата и синот не сакаат ништо поконкретно да стигне до медиумите и досега добро се справува со тоа, па швајцарската јавност знае да каже дека вилата на Шумахер на брегот на Женевското езеро е претворена во најсовремена клиника за еден човек.
Магазинот „Форбс“ процени дека Михаел Шумахер заработи 840 милиони евра во кариерата и затоа семејството може да ги издржи трошоците за лекување што, спроед некои извори, достигнуваат 55.000 евра неделно или 220.000 месечно. Ако е тоа точно, а од несреќата минаа пет година или 60 месеци, тогаш за рехабилитација на Германецот досега се потрошени 13,2 милиони евра. Но, ваквите бројки треба да се земат со резерва бидејќи Корина во меѓувреме ги продаде двата приватни авиона и уште неколку недвижности за енормно високите трошоци за лекување.

Мобилна апликација „Михаел Шумахер“ како виртуелен музеј

За лекување на Михаел Шумахер е формирана фондацијата „Кип Фајтинг“ (Keep Fighting Foundation), но светот малку знае за неговата состојба. Семејниот одмор во Марбела се покажа фатален по германскиот пилот. Додека скијаше, се најде на необележана патека и имаше стравичен пад на глава. веднаш беше превезен во болницата во Гренобл и беше во индуцирана кома до април во 2014 година. Летото беше транспортиран во Лозана, а подоцна и дома, крај Женевското езеро, каде се наоѓа и денеска.
„Здравјето на Михаел е приватна работа и така ќе остане. Нема да коментираме ништо“, кусо порача Корина пред објава за соопштението.
Семејството Шумахер подготви изненадување по повод 50. роденден што претставува одлична прилика за навраќање на сите значајни моменти во кариерата.
„Како подарок за вас, за нас и за него, креиравме виртуелен музеј во кој ќе можете да се потсетите на сите успеси на Михаел. Официјалната мобила апликација „Михаел Шумахер“ е чекор за искаќување на почит за сите негови достигнувања. Сакаме и вие да уживате во неа. Михаел може да биде горд на сето постигнато како што сме ние. Затоа ќе се навратиме на сите успеси на приватна изложба во Келн, но и низ објави на социјалните мрежи со што ја продолжуваме неговата хуманитарна работа преку фондацијата Кип Фајтинг“, додаде Корина Шумахер.

Многу контроверзи и шпекулации за фактичката состојба

За состојбата на Шумахер досега можеше да се прочитаат многу работи. Германските медиуми во ноември во 2014 година објавија дека не може да оди, дека не може да зборува, дека не се сеќава на ништо, дека е парализиран и во инвалидска количка. Во текот на 2015 година, неговата менаџерка Сабине Кем изјави дека сотојбата полека се подобрува имајќи ги предвид страшните повреди на главата и покрај фактот дека носел заштитна капа при падот. Последната службена информација за германскиот возач е од 2016 година кога адвокатот Феликс Дам пред суд рече дека „неговиот клиент не може да оди“.