Концерт на пијанистот Сковородников и премиера на „Мизантроп“ на „Охридско лето“


Театар Комедија вечер на „Охрдиско лето“ премиерно ќе ја изведе претставата „Мизантроп“ според драмата на Молиер, а  концерт на фестивалот ќе има канадскиот пијанист со руско потекло Еуген Сковородников.

Режисер на „Мизантроп“ е Ана Вукотиќ, сценограф Јелена Томашевиќ, музиката е на Александар Радуновиќ-Попај, костимите ги изработи Лина Лековиќ. Екипата во претставата повеќе ќе соопшти на прес-конференција закажана за денеска.

Што се однесува на концертот на Совородников, за уметникот критиката вели дека е изведувач со „извонредна изведувачка техника“, „неспоредлива елеганција и волшебна моќ“, „совршено мајсторство во свирењето и истенчено чувство за стил“.

Концертот тој ќе го одржи во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот, а на програмата се мазурки, полонези, варијации на Чајковски и Шопен.

Еуген Сковородников додипломските студии ги завршил во 1981 година на Државниот универзитет за уметности во Харков, Украина, а постдипломските на Конзерваториумот во Санкт Петербург. По завршувањето останува да работи во оваа институција сè до 1990 година, кога ја напушта земјата. Во 2006 година, за своите достигнувања во образовната и изведувачката пракса бил награден со Почесен докторат на полето на музичките уметности од Државниот универзитет за уметности во Харков.

Во текот на својата кариера настапувал на некои од најпрестижните концертни сцени во Русија, Канада, Италија, Кина, Израел, Украина, САД. Покрај солистичката дејност, Сковородников настапува и како камерен изведувач, соработувајќи притоа со голем број познати музичари. Често може да се сретне како член на жирито на интернационалните натпревари за пијано во Италија и Германија, а познати се и неговите мајсторски курсеви кои ги одржува на интернационалните фестивали во повеќе земји.