Концерт на Македонската филхармонија со славниот виолончелист Даниел Милер-Шот


„Морски бранови“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија што ќе се одржи вечерва во 20 часот, а на кој како солист ќе настапи Даниел Милер-Шот, еден од најславните виолончелисти на новата генерација.

Овој амбасадор на музиката на 21 век за македонската публика ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар бр. 1 од Дмитриј Шостакович.

Диригент на концертот, по првпат во Македонија, е маестро Румон Гамба од Велика Британија, а оваа вечер ќе бидат изведени и импресивните дела: Четири морски интерлудии од операта „Питер Грајмс“ од Бенџамин Бритн, како и „Море“ и „Потонатата катедрала” (која ќе ја доживее македонската премиера) од Клод Дебиси.

Британскиот диригент Румон Гамба во својата досегашна кариера бил на неколку значајни позиции како шеф-диригент во Шведската оперска компанија Норланд опера, Алборг симфонискиот оркестар и на Симфонискиот оркестар на Исланд, а неговото име е запишано и на голем број аудиоизданија на кои се наоѓаат современи творби. Покрај современата музика, тој е активен и како диригент на железниот оперски репертоар како што се „Кармен“, „Боеми“, „Отело“, „Кандид“, „Риголето“…

Виртуозот на виолончелото – Даниел Милер-Шот од Германија, пак, се смета за еден од најистаканите претставници на овој инструмент на својата генерација и повеќе од две децении ја воодушевува публиката во светот. Овој амбасадор на музиката во 21 век, кој „Њујорк тајмс“ го нарече „бестрашен интерпретатор со извонредна техника“, е роден во 1976 во Минхен.