Контроверзна изјава на шефот на Европскиот парламент: Мусолини правел позитивни работи


Антонио Тајани, шефот на Европскиот парламент, повторно ја бранува јавноста со своите изјави. Откако неодамна Истра и Далмација ги нарекуваше италијански територии, сега навлече гнев откако наводно изјавил дека фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини „правел позитивни работи за Италија“, јавува „Politico.eu“.

Италијанските медиуми пренесуваат дека Тајани во интервју за популарната италијанска радио емисија „La Zanzara“ го истакнал следново:

„Мусолини? Додека не објави војна на целиот свет следејќи го Хитлер, додека не донесе расни закони и ако се направи исклучок за драматичниот настан поврзан со Матеоти (противникот на Мусолини кој бил убиен од режимот) тој правел позитивни работи со цел да се изгради инфраструктурата во нашата земја“.

Но, Тајани не запрел тука.

„Треба да се биде објективен“, додаде тој. „Не сум фашист, никогаш не сум бил фашист и не ја делам неговата политичка мисла, но мораме да бидеме искрени, градеше патишта, мостови, згради… Врати многу делови од нашата Италија“, се бранеше шефот на ЕУ парламентот.

„Погрешните работи се навистина сериозни: Матеоти, расните закони, војната. Тие сите се неприфатливи работи“, додаде Тајани.

Тој се обиде да се оправда и преку Твитер, каде реагираше на критиките.

„Срам да им е на оние кои манипулираат што наводно сум рекол за фашизмот. Секогаш сум бил убеден антифашист, никому нема да му дозволам да го каже спротивното. Фашистичката диктатура, расните закони и смртта кои ги предизвика фашизмот се најцрната страна во италијанската и европската историја“, напиша Тајани.

Но, тоа не спречи нови жестоки критики на сметка на Тајани внатре во Европската унија.

Лидерот на социјалистите во ЕУ парламентот Удо Булман побара итно разјаснување на изјавата, а Лин Бојлан, членката на Европскиот парламент од редовите на Ирски Син Фејн жестоко го критикуваше Тајани.

„Мусолини е можеби одговорен за повеќе од 430 илјади убиства, но погледнете ги неговите патишта и мостови! Сериозно, ова е претседател на ЕУ парламентот“, напиша таа на Твитер.