Компромисни решенија како Деркоски се враќаат како бумеранг


Шрапнелите од „бомбите“ во Кривичниот суд погодија две личности кои на директен или индиректен начин се поврзани со референдумското изјаснување. Првата, Оливер Деркоски, раководи со институцијата надлежна за спроведување на референдумот (ДИК). Вториот, Владимир Божиновски, е координатор на Институтот за политички истражувања чии анкети, како и сите сондажи од тој тип, го рефлектираат расположението на граѓаните, но и влијаат до одреден степен во креирање на јавното мислење, барем кај оние кои по инерција се приклонуваат кон победникот, а со нив тој се претпоставува. Пред само неколку дена анкетата на ИПИС покажа дека доколку следната недела се одржат парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ би победила со тесна разлика, која СДСМ ја окарактеризара како лажна нарачана анкета.
Без оглед на тоа што тие не се наоѓаат на обвинителната клупа во најобемниот судски процес на СЈО, „Титаник“, обелоденетите разговори во кои Дерковски добива наредби за незаконско предизборно постапување од тогашниот министер за транспорт и врски Јанакиески, а Божиновски му порачува да не се секира и ветува повторување на анкета, оти бил незадоволен, според експертската јавност, ја одржува статус кво состојбата во однос на вербата на граѓаните во институциите.
„Уште во првиот момент кога беше назначен за претседател на ДИК јас реагирав затоа што пред неколку години СДСМ излезе со аргументирани обвинувања за коруптивното однесување на Дерковски“, вели професорката Мирјана Најчевска. Со еден ваков потег, според неа, се руши целокупната перцепција дека навистина нешто се менува.
„Се урива, практично, сигурноста дека она што ќе биде спроведено како референдумски процес, а за брзо време и како изборен процес, бидејќи наредната година треба да се одржат претседателските избори, ќе биде и правно издржано“, нагласува таа.
Деркоски два дена пред изборите во 2011 година, кога ја извршува функцијата директор на „Македонски железници“, добива инструкции од обвинетиот Јанакиески да се залепат плакати за партијата СДПМ за да се збунат гласачите на СДСМ со „двојниците“ Рада Шекеровска, Зоран Зашев, Игор Ивановски и Јанис Макрис, но добива и прецизна саатница како треба да гласаат партиските членови, нивните роднини и вработени. Тој се брани дека постапувал според законот дури, како што вели, и во ситуации кога можеби некои луѓе побарале од него да постапува незаконски.
По низа натегање на крајот од минатиот месец Собранието со 100 гласа „за“ без расправа го избра претседателот на ДИК на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, како и членовите на Комисијата, со што се создадоа услови за организирање и реализација на претстојниот референдум за договорот со Грција.
„Точно е дека опозицијата го предлага претседателот на ДИК, но тоа не значи дека тој треба да биде изгласан по автоматизам. Напротив, тој треба да биде личност која ќе ги исполнува професионалните и морални стандарди. Вината лежи и кај владејачката партија, која можеше да го одбие како предлог на опозицијата. Компромисни персонални решенија не носат суштински системски промени“, нагласува Најчевска.
Прислушуваните разговори кои деновиве новинарите и ги пренесуваат на јавноста за изборните манипулации за парламентарните избори 2011 година го потврдуваат она во што таа се сомневаше со години. Тие се преполни со најниски вулгарности како дел од системското насилство кое беше спроведувано за време на изборниот процес пред седум години. Несомнено укажуваат на злоупотреби на моќта, прекршувања на човековите права, изборни измами.
„Доказите треба да се искористат во градење на соодветни судски случаи, при што засега не гледам резултат. Но, мора и да се постават темелите на соодветен систем кој ќе оневозможи ваквите нешта да се повторуваат, за што искрено не гледам намера“, посочува Најчевска.
Објавувањето на „бомбите“ неминовно генерира општествена траума. Веројатно, вели професорот Илија Ацески, и натаму ќе слушаме за редица компромитирани личности кои и натаму извршуваат важни општествени функции.
„Доживување на стварноста кај луѓето е стравотно. Граѓаните со право се прашуваат кому да му веруваат. Очигледно е дека не запираат процесите кои ја засилуваат нивната дезориентација. Но не смее да си дозволиме од секоја ситуација да влечеме некаков еквивалент дека сите се исти“, оценува Ацески.
Според него, исклучително е значајно оние што сега ја имаат власта во општеството да ја засилат кампањата и на убедлив начин да им објаснат на граѓаните што ќе значи влезот на земјата во Европската Унија и НАТО.
„Приклучувањето кон тие семејства носи со себе носи примена на нови правила на однесување со кои ќе се сузбијат општествените аномалии и девијации што сега ни се случуваат. Ние немаме друга алтернатива, ако не сакаме дополнително да тонеме во злоупотреби, безаконие, самоволие…“, нагласува Ацески.
Наум Котевски