Комисија ќе утврдува од што почина родилката во Штип
Се чекаат официјалните информации од Институтот за судска медицина, кои треба да покажат од што почина 28-годишна родилка во болницата во Штип пред една недела. Првичните сознанија се дека причината е искрвавување, што можело да го предизвика или посебна медицинска состојба на матката по породување или заборавено парче од постелката.
Обдукцијата е завршена, се чекаат резултати од анализите.
– Засега немаме нови информации. За анализите треба да помине време. Кога ќе имаме што да кажеме, тоа ќе го објавиме транспарентно на прес-конференција – изјави вчера д-р Ален Ѓеорѓијев, директор на штипската болница.
Родилката Маја Паневска од Свети Николе почина по 24 часа откако била примена на гинеколошкото одделение, под засега неразјаснети околности. Се породила по природен пат и родила здраво дете. Ова ѝ била прва бременост и претходно немала здравствени проблеми.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека комисија од Министерството ќе го испитува случајот.
Клиничката болница во Штип е едно од местата во кои треба да се спроведат мерките кои во февруари годинава ги најавија здравствените власти откако направија проценка на состојбите во 29. родилишта во земјава. Проценката покажа дека половина од родилиштата се нефункционални, дека имаат простор, но не и лекари, или им недостасува неопходната опрема за скриниг на трудниците. Освен во Штип, мерки беа најавени и во родилиштата во Битола и во Тетово. Во краткорочните мерки се упатства за следење на ризичните состојби во текот на бременоста, клинички упатства за постапување при сепса, проблеми со коагулацијата на крвта во текот на бременоста и за време на породувањето, упатства за постапување при покачен притисок кај мајката комбиниран со високо ниво на протеини во крвта.
– Овие компликации се главните причини за смртност кај родилките, а во Македонија недостигаат клинички упатства за постапување во вакви животно загрозувачки ситуации – рече тогаш Филипче.
Дел од мерките е и изработка на методологија по која ќе се детектираат вистинските причини за смртност и сериозните компликации и кај родилките и кај новороденчињата според стандарди на Светската здравствена организација.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2016 година од илјада живородени починале 11,9 отсто бебиња не постари од една година. Тоа е двојно повеќе од европскиот просек кој е 5,2 отсто и кој Министерството за здравство цели да го достигне за најмногу две години.