Изворите на оптимизмот кај Заев околу спорот за името
„Ако си доволно луд да веруваш дека можеш да го промениш светот, ти навистина можеш да го промениш“.
Се сетив на ова мото од биографијата на Стив Џобс, слушајќи го премиерот Зоран Заев дека и натаму е оптимист во однос на решавањето на спорот за името што Македонија го има со Грција.
Голем број малку нервозни и нестрпливи аналитичари и политичари кај нас, веќе со денови се прашуваат: Што се крие зад оптимизмот на Заев и дали тој, па и Алексис Ципрас, се вистина толку луди што веруваат дека се способни да решат проблем кој многумина „попаметни“ од нив не успеале да го решат.
Освен оние што пропагандата на Никола Груевски во Македонија ги убеди дека проблемот не може да биде решен, бидејќи „Грција не сакала да постоиме како македонска нација и народ“ и оние што сметаат дека спорот ќе се реши, ама само со прифаќање на сите „уцени“ од страна на Грција, има и такви кои сметаат дека обидите на двете влади за решавање на овој спор се залудни, затоа што „јавноста во двете земји сѐ уште не е подготвена за прифаќање на каков било компромис“.
Овој свој став за неподготвеноста на јавностите, го поткрепуваат со „научни докази“, добиени од испитувањата на јавното мислење во двете земји, кои покажуваат дека ниту мнозинството Грци дозволуваат во името на нашата земја да стои зборот Македонија, ниту мнозинството Македонци се согласуваат нешто да се менува во уставното име на земјата. А бидејќи мнозинско расположение на гласачите во двете земји е такво, заклучуваат тие, нема толку луди политичари ниту во Македонија ниту во Грција што би се осмелиле да одат против волјата на својот народ.
Но, токму ова што тие го нарекуваат „волјата на народот“ беше клучниот аргумент за невозможноста од решавање на спорот меѓу Македонија и Грција кој го нудеа како аргумент речиси три децении и грчките и македонските националисти и нивните водачи.
Тие националисти со своите тези и пропаганди прво создаваа страв, отпор и недоверба на едните кон другите, а потоа така креираното јавно расположение го нудеа со години како аргумент дека „не се подготвени да работат против волјата на својот народ“.
Заев и Ципрас засега изгледаат поразлично од сите нивни претходници во политиката на двете земји. Од нивните изјави станува јасно дека се „доволни луди“ да го преземат гневот на својот народ врз свој грб, дека е можен исчекор кон решавањето на овој спор без јасен победник и дека двата народи ќе бидат способни да ги сфатат придобивките од неговото решавање. Во тој обид двајцата ја имаат поддршката од САД и од ЕУ и реално никој не е уценуван.
Оптимизмот на Заев за можноста од решавањето на овој спор во моментов не е ништо помал од неговиот оптимизам во почетокот на 2015 година, кога говореше дека режимот на Груевски може да се победи на избори и кога малкумина во земјава, па и во светот, веруваа во тоа.
Оттаму, кога е тој оптимист треба внимателно да се анализира врз што се темели неговиот оптимизам.
Прво, можеби никој и не забележа дека за прв пат по толку години, изјавите според кои Македонија ќе се вика Северна, Вардарска или Горна Македонија не наидуваат на таков силен отпор како порано. Ги нема оние што при самото споменување на такво нешто обвинуваа дека се подготвува национално предавство, дека со тоа се загрозува македонскиот национален идентитет и дека тоа народот нема да го дозволи. Во прилично мирна атмосфера можат да се слушнат издвоени мислење дека би било подобро Македонија (Скопје), само Р. Македонија, или ако е можно ништо да не менуваме, но тоа не влијае суштествено врз веќе прифатениот факт дека кога веќе сме создале држава на 33 проценти од територијата во географскиот регион кој го носи името Македонија, дека е редно таа држава да ја именуваме на начин кој ќе покаже дека државата ниту го опфаќа целиот регион ниту е директен и единствен наследник на античка Македонија.
Второ, исто така изгледа неспорно дека нема друг светски јазик кој се нарекува македонски, освен нашиот, кој припаѓа на словенската група јазици и дека како македонски јазик ќе си остане запишан во графата на Обединетите нации, како клучна одредница на идентитетот, можеби со некоја фуснота дека е од словенската група на јазици.
И трето – никој во светот, па ни Грците, не ни го оспоруваат правото на нашето етничко и национално самоопределување како Македонци од словенско потекло и за што не се преговара и за што сами одлучуваме.
Она што останува нерешено во овие разговори за разликите околу името на државата, според достапните сознанија и од изјавите на преговарачите, е обемот на употребата на новото име и барањето на Грција тоа име да се користи и „за внатрешна употреба“ за што е потребна промена на Уставот на Македонија.
Оние кои не сакаат решение на проблемот во ова барање на Грција веднаш гледаат нов обид за блокирање на разговорите од страна на Грција, класична уцена, барање на невозможното или измислување нова причина за да не се реши проблемот, а за нерешавањето на проблемот да биде виновна Македонија. Но, дали е токму така?
И што се крие тогаш зад идејата за изнаоѓање „креативно решение“.
Ако Македонија прифати, со нова резолуција на Советот за безбедност да биде, да кажеме, Република Горна Македонија во меѓународната комуникација, тоа секако ќе значи дека под тоа име ќе бидеме членка во сите меѓународни организации и ќе комуницираме и со сите земји кои до сега нѐ имаа признаено под уставното име.
Бидејќи е тоа име за меѓународна комуникација на земјата со светот, се поставува прашањето што ќе треба да пишува на документите со кои комуницираме со светот. Такви документи не се само пасошите и личните карти, туку и дипломите од универзитетите со кои се аплицира на странски универзитети и низа други документи во кои треба јасно да стои од која членка на Обединетите нации доаѓаат. И мислам дека е тоа клучната причина поради која Грција смета дека е потребна и промена на Уставот во кој треба да биде запишано дека во документите на граѓаните од Република Македонија со кои тие ќе комуницираат со меѓународните организации и институции (а не меѓу себе и внатре) треба да стои меѓународното име на земјата, за да не се создаваат забуни.
Во оваа смисла реално не се менува уставното име на Република Македонија туку во Уставот се внесуваат одредби во кои се наведува дека меѓународното име на земјата ќе стои и во сите документи на граѓаните и на институциите кои се користат во меѓународната комуникација.
Бидејќи сите овие промени Македонија ги прифаќа само со цел да стане членка на НАТО и на ЕУ, во договорот кој ќе биде потпишан меѓу двете земји, со гаранции и под покровителство од Обединетите нации, би стоело и дека сите договорени промени и промената на Уставот стапуваат во сила на денот кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.
А дотогаш има време и за дебата и да се подготви јавното мислење и во двете земји и да се убедат граѓаните дека со решавањето на овој спор, не само што никој не губи ништо, туку се гарантираат мирот, стабилноста и безбедноста на земјата и се создаваат услови за издигање на стандардот на граѓаните во земјава на европско ниво.
Ѓорѓи Спасов