Онур против фикусот


Врвот на секоја турска серија е кога Онур ќе сфати дека сам себеси си е мајка. По истата логика, а и без помалку перипетии, се одвиваат овие продолженија на пинг-понгов помеѓу претседателот Ѓорге Иванов и Владата. Нели во секое друштво има еден кој е неподнослив, а самиот за тоа не е свесен? Кај него, како способноста, луцидноста и знаењето да се во обратна пропорционала со егото и наметливоста. Најчесто, тој тропа ли тропа, притоа автентично убеден дека од неговата уста течат мудрости, дури чешит, ќе речете, а вие останатите, се бодете под маса, си давате значајни

погледи, вртите со очите, ве фаќа срамотизам (срам од тоа што него не му е срам), а дечкото „во елемент“ се пенави со глупости кои во секоја нормална прилика заслужуваат една жешка шлаканица, но ете, тој друштвен насилник, ве начекал воспитани, па сега врз вас ја вежба својата квазиинтелектуална онанија.

Така изгледа Иванов низ овие надмудрувања со мнозинството. Човекот кој по сѐ изгледа ќе го запаметиме како шутот на македонската пост-кризна транзиција, реално би требало да се соочи со кривична одговорност за своите постапки, зашто алтернативата е да остане запишан на почесно место во долгата линија на македонските политички лузери, и од таа позиција, да продолжи да нѐ малтретира со сопствената патологија низ годините кои доаѓаат, комотен со своето историско дувло.

Затоа, тврдам, е исклучително важно овој негов последен обид за саботажа на Законот за јазици да доживее фијаско и да му се врати како бумеранг на кривична одговорност, остро и неумоливо.

Важно е од три причини: правно, политички, и психолошки.

Правно, важно е да се кристализира недоречениот принцип на претседателското вето.

Не постапувајќи по второто одбивање на Иванов да го потпише указот со кој Законот за јазици стапува на сила, ние воведуваме правен преседан спротивен на парламентарниот систем исцртан во Уставот. Доколку претседателското вето, од недостаток на процедурална храброст, го блокира вторпат изгласаниот закон во Собранието, тогаш тоа вето добива својство на рестриктивно, наместо суспензивно, како што е наведено во Уставот. Тоа, без оглед на толкувањето или правните нијанси, е кристално чисто и недвосмислено прекршување на правниот принцип врз кој е поставена позицијата на претседателот на државата vis-a-vis парламентарното мнозинство. Таквиот евентуално нов принцип, суштински ја менува и неговата позиција, и системот, давајќи му на шефот на државата de facto права и ингеренции, кои тој de jure ги нема, на пример да поништи и блокира двапати изгласан закон.

Ако е тоа така, тогаш треба да знаеме дека во правниот промет имаме уште еден политички чинител кој има законодавна моќ, што е дијаметрално спротивно од тоа како е системот замислен во моментов. Затоа, со сета почит за процедурата и потребата ваквото сознание да го најде својот пат низ правните лавиринти, мислам дека процесот трае предолго и со премногу надмудрување. Уставниот суд треба час поскоро да констатира прекршување на Уставот, да даде автентично толкување за оваа ситуација, а во согласност со намерата на уставотворецот, а законот да се објави и спроведе согласно волјата на мнозинството.

Вториот принцип кој ваквата постапка би го заштитила е политичкиот. Ние не смееме да

дозволиме ваков гест, дури ни привремено, да биде искористен како политички „лост“ или да остане да „виси“ како можност за политичка закана. Ни претстојат и тоа како политички комплицирани, и во таа смисла контроверзни, одлуки. Доколку која било од нив биде подложна на ваков преседан, ние ќе останеме политички импотентни по таа основа. Таквата состојба дополнително ќе ја забави, па дури се заканува и да ја спречи, транзицијата кон пост-груевистичко општество, држејќи ја така под закана и целосната еволуција на ВМРО-ДПМНЕ, помеѓу другото, зашто одржувајќи ја спрегата со претходната гарнитура, се јакне политичката моќ на Никола Груевски наспроти Христијан Мицкоски. Сето тоа, замислете, од фикусната политичка квазинаива на Иванов. Оттаму сметам дека е исклучително важно ваквиот обид за саботажа да не помине, односно да биде поразен еклатантно, со потсмев.

Тоа се врзува и со третата причина зошто мораме да се пробиеме низ оваа моментална пат позиција со кабинетот на шефот на државата, а тоа е психолошката. Ваквиот пробив би означил едно ментално-политичко и општествено созревање, одлепување од мантрата на пасивно-агресивниот политички булшит и демонстрација на фактот дека волјата за напредок не може да биде заложник на политичката ретардација, колку и да е таа затскриена зад национален мит, привид на принципиелност, или повикување на „ингеренции“ и „совест“. Важно е во психолошка смисла да научиме таквите фасади да ги скршиме, да ги поразиме и да им се подбиваме, заради сопствена ментална хигиена.

Зашто, на крајот, ако ова сепетничаво талкање продолжи и не се пресече, во опасност сме од пораз: ние ќе му се потсмеваме и ќе го покажуваме со прст, понекој и ќе го полие со вода, ама фикусот, како симбол на политичката папрат која се заканува да нѐ обземе, ќе си вирее и ќе се шири.

Петар Арсовски